Николовски побара помош од Германија за скринингот и реформите во земјоделството

278

Олеснување на трговската размена со земјоделски производи е темата на која денеска во Берлин разговараа министрите кои учествуваа на состанокот што го организираше Федералното министерство за земјоделство и храна и Постојаната работна група за регионален рурален развој – SWG.

На состанокот учествуваше и македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој истакна дека Македонија е посветена на олеснување на трговијата и оти од 2003 година како член на Светската трговска органзиација е потписник на неколку билатерални и мултилатерални договори за слободна трговија, вклучувајќи и Договорот за асоцијација и стабилизација со Европската унија и ЦЕФТА договорот со земјите од Западен Балкан и Молдавија.

– Целосно сме посветени на промоцијата и зајакнувањето на регионалната соработка, бидејќи тоа ќе води кон олеснета трговија помеѓу земјите од Југоисточна Европа, за да се постигне заедничката цел односно зголемена конкурентност на секторот за земјоделство и храна. Ова е наведено и во Декларацијата на министрите за земјоделство која што во ноември минатата година ја потпишавме во Струга и во таа насока ќе продолжиме да бидеме конструктивен партнер во регионалниот дијалог и во сите регионални иницијативи кои ќе ја забрзаат интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската унија. Ја користам оваа прилика да ја повикам Германија да ни помогне во скрининг процесот и сите реформи на коишто работиме во односи на земјоделството, а со цел да се доближиме до Европската Унија – рече Николовски.

Посочи и дека минатата година Министерството за земјоделство презело иницијатива за олеснување на трговијата и воведувањето на брзи зелени линии на границите за земјоделските прехранбени производи. Николовски, како што соопшти ресорното Министерство, ги повикал министрите од Југоисточна Европа и од државите во Европската унија да го поддржат овој процес.

Германската министерка за земјоделство Јулија Клекнер изрази подготвеност за голема поддршка на земјите од Западен Балкан за нивна интеграција во ЕУ.

Состанокот се одржуваше во рамки на Меѓународниот саем за земјоделство и храна „Зелена недела“.

На маргините на саемот, министерот Николовски оствари средба со египетскиот министер за земјоделство АбуСетејт со кого разговараше за зголемување на извозот на македонски земјоделски производи во Египет, особено на македонското јаболко. На состанокот беше отворено прашањето за изнаоѓање начин за укинување на царинската стапка од 40 проценти за македонското јаболко, како и за увозот на земјоделски производи од Египет кои се атрактивни за пласман во Македонија. Договорено е да започнат преговори во рамки на техничката работна група која ќе се формира согласно Протоколот за соработка во земјоделството. Од Министерството за земјоделство информираат дека на 11 февруари министерот Николовски ќе престојува во официјална посета на Каиро за време на која ќе разговара и за други форми на соработка.

Во рамки на саемот „Зелена недела“ се одржа и Глобалниот форум за храна и земјоделство (GFFA), на кој се обрати германската канцеларка Ангела Меркел, која порача дека дигитализацијата ќе го олесни земјоделското производство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...