За 2019 година преку ЕУ договоривме 15 милиони евра поддршка на македонското земјоделство. Со 3,5 милони евра од нив ќе се градат нови системи за наводнување, а со 4,5 милиони евра фабрика за третирање отпад од угинати животни, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски на денешната средба со производителите Стајковци и Црешево.
Според него, со влегувањето во Европската унија (ЕУ) македонските земјоделци ќе ги добиваат субвенциите директно од ЕУ. Вкупно 400 милијарди евра се предвидени во буџетот на ЕУ за 2014-2020 година за развојот на земјоделството.
– Членството во НАТО и во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, подобар производ и за пласман со подобри цени, модерно и одржливо земјоделство, повеќе вработувања во руралните средини и поттикнување на економскиот раст – рече Николовски.
Во разговорот со производителите од двете скопски села каде преовладува градинарството, тој ги слушна нивните предлози за унапредување на земјоделството.
– Градинарството е важна извозна гранка, која има голем придонес во вкупниот извоз на земјоделски производи. Токму затоа, во годинашната Програма за финансиска поддршка за оние производители кои имаат од 0,7 до 5,0 хектари субвенциите се зголемени за 20 отсто и овие корисници ќе добијат 36.000 денари по хекта -рече тој.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, за македонските земјоделци и за жителите од руралните подрачја, вклучувајќи го и Стајковци, најважен е влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.