Се прават максимални напори „зелената нафта“ што поскоро да се имплементира, изјави денеска на средба со земјодлеците во селото Спанчево, општина Чешиново- Облешево,министерот за земјодлество Љупчо Николовски.
Веднаш по донесувањето на законското решение ќе биде распишан тендер за печатење 60.000 до 70.000 т.н. зелени платежни картички, што ќе им бидат поделени на земјоделците.
– Побрзо од ова што сега го правиме, не може никој. Мислам дека треба да бидете задоволни, најмногу за „зелената нафта“, зашто се се прави по најбрза можна постапка. Се е подготвено, се чека донесување на законот. Нема да има никаков проблем ниту со печатењето на картичките што ќе треба да се реализира за краток временски период – рече Николовски.
Земјоделците, пак, сакаат да ја добијат „зелената нафта“ што поскоро, зашто по велигденските празници почнуваат со производната сезона.
Николовски рече дека интересот кај земјоделците за окрупнување на земјиштето е се поголем.
Во првата фаза со проектот што го спроведува ФАО консолидацијата ќе опфати околу 17.000 парцели или 5.000 хектари.