Ние сме дел од европското семејство и мора да продолжиме да се однесуваме така!

394

Деновиве сите го поставија прашањето доколку добиевме датум за отпочнување на преговорите, што ќе правевме денес? 

Доколку во петокот минатата недела Советот на ЕУ донесеше позитивна одлука за долгоочекуваниот датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, наративот во многу аспекти ќе беше малку поразличен.

Датумот ќе значеше формално придвижување во процесот на пристапувањето, признание за успешното спроведување на подготвителниот скрининг за усогласувањето со европскиот acquis, и придвижување кон исполнувањето на политичките, економските и правните критериуми за членство од Копенхаген, надополнети со Мадридскиот критериум дека целосното спроведување на овие критериуми мора да биде следено од соодветна административна структура, создавање на ефикасен систем и дефинирање на  ефикасен процес на усвојување и спроведување на европското acquis.

Процесот ќе се придвижеше кон формално отворање на Поглавјата 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (правда, слобода и безбедност), од вкупно 35-те поглавја од европското acquis.

Сепак, овој викенд ни ја носи реалноста каква што ја знаеме – но тоа сепак не е причина за да се бараат изговори и откажувања. Од денес мораме да продолжиме да работиме исто како да сме добиле датум минатата недела – Македонија нема друга алтернатива, и мора да продолжи да оди по европскиот пат. Заради тоа, повикувам сите политички чинители во државата да ги преземат сите дејствија за доекипирање на тимовите кои би учествувале во преговарачките процеси и да се анимираат сите експертски и професионални потенцијали, сите ресурси во општеството, и активно, секојдневно да се продолжи работата за приближување кон европските вредности, традиции и принципи. Овие заеднички тимови мора да продолжат непрекинато да работат без оглед на најавените избори, а ако сакаме воопшто и да помислиме на ЕУ, не смее ни да се помисли на било што друго освен спроведување на изборниот процес по највисоките европски принципи!

Стопанската комора на Македонија, како најстара и најзначајна бизнис асоцијација во земјата, врз основа на искуствата на нашите партнерски Комори од тие земји во водењето на пристапните приговори на Словенија, Хрватска и Бугарија, како сериозна институција има донесено документ за нашето партиципирање во тој процес – во тие земји, претставниците од Коморите биле активно вклучени во целиот тек на преговарачките процеси, па дури и биле главни преговарачи за определени поглавја (вклучувајќи ги на пример, поглавјата 11, 12 и 13 поврзани со секторот земјоделие). Затоа, и јавно декларираме дека сме подготвени да ги ставиме сите свои капацитети (стручната служба на Комората и база на повеќе од 950 менаџери, стопанственици и експерти од различни области, вклучени во органите и телата на Комората) на располагање во тој процес. Заеднички мораме да продолжиме да ги правиме  сите потребни реформи не затоа што некој друг од надвор ни ги бара, туку затоа што се неопходни.

Ние сме дел од европското семејство, и мора да продолжиме да се однесуваме така! 

Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...