Не мора конфликтно, може и поинаку

Не ми се допаѓа оваа фајтерска кампања за референдумот што се води на јавната сцена и по социјалните мрежи. Затоа, како предизвик, ја прифатив великодушната понуда на професорот Ацески со серијал од триесеттина научни есеи да осветли некои нови, научни погледи на феномени нација, идентитет и историја. Да покажеме дека јавната дебата може да се води и поинаку.

3787

Љубезниот продавач во една продавница во Солун, кој очигледно нè слушнал на кој јазик зборуваме јас и мојата сопруга, ја прашува нашата дванаесетгодишна ќерка како се вика и од каде е. Таа своето име го преведува на англиски (за Гркот да го разбере) и одговара дека е од Македонија. Продавачот уште пољубезно ја прашува од кој дел од Македонија е, од северна или од јужна. Детето збунето молчи. Човекот ѝ објаснува – а „објаснувањето“, нормално, е за мама и за тато – дека луѓето во Солун се чувствителни за тоа прашање и дека им е важно „проблемот“ да се реши.

Не дека мојата момичка не чула за „проблемот“, но факт е дека не ја интересира. Таа е од Македонија, а баш ѝ е сеедно дали некој нејзината Македонија ќе ја есапи за јужна или северна, источна или западна. Убеден сум дека таа и децата од нејзината генерација ќе бидат меѓу првите кои допрва ќе учат една нова историја, таква што ќе им овозможи слободно да се инспирираат од најубавите творби на духовната култура што ја препознаваат како свој национален идентитет и, уште повеќе, да создаваат нови вредности и дела.

Малку е посложено со нашата генерација, која на 30 септември треба да го направи историскиот исчекор и да го легитимира договорот со Грција, кој, пак, е билет за нашиот пат кон Европа. Ние сме генерација со меморија (помниме и добро, ама и зло), со стравови, па и со предрасуди. Затоа, освен што е огавно само по себе, не е ни политички умно луѓето кои овие денови водат дијалог со самите себе, да се делат на „нормални“ (тие што на референдумот ќе гласаат „за“) и „ненормални“ (другите). Зашто, меѓу „нормалните“ има многу кои не се цврсто убедени дека го прават вистинскиот избор, но ќе гласаат „за“ оти се изгорени од режимот што ги ограби и им ја загрози иднината.

Затоа, не ми се допаѓа оваа фајтерска кампања што се води на јавната сцена и по социјалните мрежи. Не сум убеден дека е умен обидот луѓето да се „приведат“ на гласање и да се „натераат“ да гласаат „за“ или „против“. Мислам дека тоа води кон продлабочувањето на конфликтноста во општеството. И така, додека размислувам како медиумот што го водам да се постави поинаку, да креира една експликативна кампања, ми се јавува професорот Илија Ацевски со понуда да објавам фељтон, во кој тој со научна аргументација ќе проговори за еден поинаков поглед на феномените нација, идентитет и историја, за еден дискурс кој почива на „вредносниот фундамент на европска конструкција“, врз кој сега и научно се говори и врз кој постепено би се изградувалa и „европеизацијата“ на балканските граѓани.

Убеден сум дека „Слободен печат“ има квалификувани читатели, од кои поголемиот дел со задоволство ќе го следат овој септемвриски серијал на научни есеи, кои можеби ќе им помогнат полесно да си ги разјасниме нештата и дилемите пред референдумот. Ах да, ќе заборавев – професорот Ацески текстот го понуди про боно, а весникот својата страница за фељтонот исто така ја отстапува бесплатно, како свој прилог кон јавната дебата која може да се води и на поинаков начин.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...