Човекот најбргу се опива од портвајн и шери, тврди професорот од Универзитетот на Брајтон во Велика Британија, Хал Сосабовски. Во интервју за радио Би-би-си тој истакна дека сè зависи од концентрацијата на алкохол.
– Кај пивото, на пример, алкохолот е околу пет степена. Треба да испиете доста големо количество, за да се опиете. И обратно – вели професорот.
Според него, коктелот џин-тоник „удира“ право в глава, зашто ако имате алкохол комбиниран со газирана напивка, тоа го забрзува голтањето и апсорпцијата. Ист е ефектот и со газираните вина, на пр. шампањското.
– Можете да почувствувате како првата чаша шампањско има ефект на вас уште во првите 30 или 40 секунди. Се чувствувате поднапиено, затоа што карбонизацијата предизвикува побрзо внесување на алкохолот – објаснува проф. Сосабовски.
Натаму, тој препорачува да не се потпирате на митот дека чаша вода меѓу два алкохолни пијалаци го ублажува ефектот.
– Треба да внимавате, зашто кога пиете силни напитоци и потоа вода, ги симнувате степените до оној непријатен 20, како кај шерито и портвајнот. Подобро е да испиете голема чаша вода пред да си легнете. Алкохолот има дехидратирачки ефект, којшто може да се избегне на тој начин – вели професорот.
Следната битна препорака е да не се пие виски со пиво.
– Така веднаш ја претворате 4-степената напивка во 10-степена – додава тој
И, ако сакате да пиете силен алкохол, без да го прежалувате следниот ден поради мамурлак, водката е најдобриот избор.
– А, за да не се опиете, најдобро е да не пиете – гласи советот на проф. Сосабовски за претстојните празници.