Не дозволувајте оваа партија да го прави она што го правеше вашата, кога беше на власт

5267

Една од основните причини за воведувањето на пржинскиот модел на избори беше сознанието дека нашите политичари не знаат да прават разлика помеѓу партијата и државата. За нив тоа е едно исто: кога сум јас на власт, државата е моја. Се сеќавате на она „ВМРО-МВРО“ од снимените комуникации. Иако прогласивме  демократијата и плурализам, во традицијата на еднопартискиот систем, партиите на власт, во континуитет, сметаа дека го поседуваат државниот апарат за сите свои потреби, дури и за да ги добијат изборите.

Ми раскажува Герд Аренс, Германец кој одамна ја познава Македонија, кој учествуваше на Конференцјата за Југославија на почетокот од деведесеттите и беше набљудувач на некои од нашите избори, дека ова што се случува кај нас не е ништо во споредба со она што го видел во азиските републики на поранешниот Советски сојуз. Таму, со држава ставена целосно под контрола на владеачката партија, автократскиот водач изјавува дека негова основна цел на изборите е опозицијата да не добие ниту еден пратеник во парламентот. И ги става институциите на државата во погон, за да ја оствари целта.

Толку за поимањето на демократијата. Ние никогаш не стасавме дотаму, но, долг низ години, поведението на нашите политичари во предвечерјето и во текот на изборите беше ужасно. Јавна тајна беше дека сфаќањето на Сталин дека не е важно кој гласа туку кој ги брои гласовите, директно беше применувано во последниот час-два од изборниот ден во повеќе циклуси на македонските избори. Тоа беше и основната причина зошто првата желба на нашите партиски водачи секогаш била контрола врз МВР. Тоа е причината зошто и денес МВР е кокошката која им носи златни јајца на партиите.

За жал, ваквото децениско поведение во македонската политика произведе силна деморализација кај народот кому му беше одземен духот, храброста и дисциплината да истрае во посегањето по морални цели какви што се  чесни избори, на пример. Немоќен пред махинациите на партиите, народот се помири со ситуацијата дека измамата е нашата „природна состојба“ за која нема лек.

Длабоката политичка, но и морална криза, во која што западнавме со владеењето на Груевски, кој наместо да ги демонтира ги усоврши постоечките инструменти на манипулација и тотална контрола врз општестсвото од страна на партијата на власт. Кризата, пак, го наметна моделот Пржино кој предвиде контролни механизми против злоупотребата на власта во време на избори. МНР, толку посакувано од сите политичари, ѝ беше дадено на опозицијата, а се воспостави опозициска контрола и врз министрерства кои можат, со финансиите со кои располагаат, да поткупат гласачи во корист на владеачката партија.

Принципот кој го промовира овој модел е контрола и соработка меѓу партиите во деведесетте денови пред датумот на избори, за да се намали недовербата во намерите на другиот, која произведува конфликт. Имено, власта и опозицијата треба во текот на трите месеци да ги остават зад себе политичките анимозитети и да произведат изборна процедура и изборни резултати пред кои сите ќе се поклонат како на автентичен израз на волјата на народот. Тоа е нивната основна задача. Успеат ли, заслугата е нивна, Неуспеат ли, вината е нивна. Но, нема да успеат ако било која страна смета дека сега е време да се израмнаат сметките со воспоставување на партиска контрола врз министерскиот ресор: власта да ја опструира работата на новата политика гарнитура, а опозицијата да ја злоупотреби државата за промовирање на својата партија.

Во трите пржински  месеци опозициските министри не можат да сторат многу во промена на состојбите во македонското општество. Според моделот од Пржино, тоа и не се очекува од нив. Но, доколку тераат партиска агенда и своите сили ги насочат кон докажување колку лошо работеле претходниците, ќе ја занемарат својата основна мисија. Таа мисија наложува прекин на политичкиот оган и взаемна контрола и соработка во спроведување на чесни парламентарни избори. Ако претставниците на опозицијата кои, согласно договорот од Пржино, се вградени во структурите на власта, не го разберат тоа и ја продолжат партиската борба, се плашам дека и другата страна нема да седи со скртсени раце.

Тогаш може да крахира и моделот, кој, во крајна линија, зависи од умереното и „надпартиско“ поведение на политичарите задолжени за организирање на наредните избори. Нивната задача е многу сериозна, како за моралот на народот кој пека по чесни избори, така и за нашите европски перспективи.

За новите министри и заменици во влада задолжена за спроведување на изборите на 12 април би го цитирал француски политичар Таљеран, од времињата на Наполеон, кој, доверувајќи му важна задача, му порачал на еден млад дипломат: Sourtout pas trop de zele. И пред сѐ, без премногу жар. Со тоа, сакал да го потести дека важните работи за државата мораат да се базираат врз разум кој излегува од студена глава, а не врз емоции или манипулации со ентузијазмот на јавноста.

Наравоучение: концентрирајте се на најважното, претстојните избори да бидат како што треба. Формулата за успех и не е толку комплицирана: погледнете што правеше вашата партија за време на изборите кога беше на власт и немојте да дозволите тоа да го повтори сегашната партија на власт. Само така ќе го заслужите своето место во историјата на македонската демократија.

Извор: Инбокс 7

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...