Иако според бројот на професионални болести сме на европско ниво, сепак месечно по 150 работници се повредуваат на работно место. Имаме Закон за безбедност и заштита при работа, но тој само административно се спроведува и не ги дава посакуваните резултати во практиката. Ова беше изјавено денеска пред почетокот на тркалезната маса на тема „Ефекти од примената на мерките за безбедност и здравје при работа и предлози нов закон/ измени и дополнувања на постоечкиот“ што ја организира Организацијата на работодавачи при Стопанската комора на Македонија.
Големиот број повреди на работно место, според претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, не е резултат на растот на економијата, туку на законските формалности кои не овозможуваат примена на ефикасни мерки за безбедност и здравје при работа.
– За да се избегне ваквата состојба потребно е законот од административните простории на работодавачите да се симне во фабричките хали, на градилиштата и на земјоделските површини каде што секојдневно се случуваат несреќи – вели Димитров.
Тој вели дека сите инволвирани во спроведувањето на законот сега се соочуваат со неколку предизвици.
– Треба да се договориме како да ја зголемиме улогата и влијанието на стручните лица вработени во компаниите и да ги зголемиме нивните ингеренции и прецизно да се дефинираат обврските и особено одговорностите на чинителите во областа на безбедноста при работа и уште низа други – рече Димитров.
Од посебно значење за практичната примена на законските решенија за безбедност и здравје при работа во компаниите е зајакнувањето на трудовиот инспекторат.
Професорката Јована Бислимоска вели дека земјава според професионалните заболувања е на европско ниво, но сепак додава дека е потребна подобра имплементација на Законот.
– Од професионалните заболувања ги имаме респиратоните заболувања, оштетувањето на слухот, алергиите на кожа, но тоа не влијае само на здравствената состојба на работниците и нивните отсуства од работа. Тука се и примарните заболувања како кардиоваскуларните, дијабетесот, менталните заболувања, алкохолизмот… Заедно тие ја сочинуваат структурата – додава Бислимоска.