Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денешната акција на Израел на границата со Појасот Газа, каде повеќе десетици Палестинци се убиени за време на масовниот протест, ја оцени како самоодбрана.
Тој потенцира дека акцијата е насочена против палестинското движење Хамас.
– Секоја земја има обврска да ги брани своите граници. Терористичката организација Хамас објави дека планира да го уништи Израел и да испрати илјадници луѓе да ја пробијат граничната ограда, за да ја постигне својата цел. Продолжуваме одлучно да дејствуваме за да го заштитиме нашиот суверенитет и нашите граѓани – напиша Нетанјаху на Твитер.
Палестинското Министерство за здравство претходно соопшти дека 52 Палестинци загинаа, а над 2.400 се повредени при денешниот протест на границата помеѓу Појасот Газа и Израел поради отворање на Амбасада на САД во Ерусалим. Меѓу загинатите има и шест деца помлади од 18 години.