Швајцарскиот гигант за производствo на храна „Нестле“ објави денеска дека ќе укине околу 380 работни места во Германија поради падот на побарувачката и преместувањето на производството.
„Нестле“ вработува повеќе од 330 000 луѓе ширум светот, а во јуни најави затворање на една фабрика во Лудвигсбург каде што вработуваат околу 100 работници на производство на замена за кафе „Каро“ и пржени житарици.
Во соопштението за медиумите денес е објавено затворањето на лабораторијата во Вајдингер, каде што 85 луѓе ќе останат без работа.
Дополнителни 106 работни места ќе бидат укинати во фабриката за бебешка храна во Бисенхофен, Баварија, а уште 95 во фабриката во Лидингхаузен, каде што се произведува „Маги“.
Соопштението беше објавено по договорот меѓу раководството и синдикатот за отпремнината за работниците кои ќе останат без работа.