Несреќата кај Ласкарци ќе ја олесни за 800 илјади евра осигурителната компанија

Лани, пак, највисока штета од  573 илјади евра исплатила компанијата Осигурување Македонија. Станува збор за осигурување на имот на компанија.  

517

Поголем влез на банките и странските инвеститори на осигурителниот пазар, нови цени и продукти ќе бидат актуелни годинава во осигурувањето. Ова денеска на прес конференција во Стопанската комора го соопштија претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија за осигурувањето Климе Попоски и Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија.

Тоа, како што рече Попоски, може да се очекува со донесувањето на новиот закон за осигурување кој ќе биде усогласен со регулативата на Европската унија. Со него се воведуваат повисоки стандарди и се овозможува окрупнување во бизнисот.

Поповски очекува учеството на банките на осигурителниот пазар да се зголемува како со продажба на продукти, така и со инвестирање во пазарот. Досега пет банки почнале да продаваат животно осигурување поврзано со кредитирањето и намалувањето на ризикот од неплаќање на кредитите поради смрт на клиентите.

– Едно преземање има на осигурителна компанија од страна на Халк банка. Во тек се разговори за преземање на уште една осигурителна компанија, а има интерес и од странски инвеститор – рече Попоски.

Осигурителниот бизнис годинава, како што беше речено на прес-конференцијата се соочува со исплата на една од поголемите штети.

-Над 800 илјади евра ќе треба да исплати осигурителната компанија „Еуросиг“ за автобуската несреќа кај Ласкарци. Само по основ на полиса за патници во јавен превоз може да бидат исплатени 200 илјади евра. Предвидено 4.500 евра по смртен случај, 9.000 евра за траен инвалидитет и 2.000 евра за повреди и лекување – рече Поповски.

Тој појасни и дека доколку повредените побараат повисок износ на оштета ќе треба да ја надокнади причинителот на штетата.

– Во Законот за здолжително осигурување има пропишано максимален износ на штета предизвикана од автобус. Максималниот износ по еден осигурителен случај може да изнесува 675 илјади евра – рече Попоски.

Лани, пак, највисока штета од  573 илјади евра исплатила компанијата Осигурување Македонија. Станува збор за осигурување на имот на компанија. Компаниите лани за штети исплатиле бруто 54 милиони евра.

Според податоците на Агенцијата за супервизија за осигурувањето, лани осигурителниот пазар пораснал за 10, 4 отсто. Пораст е забележан во сите сектори на осигурувањето.

Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, пак, најави нови цени на продуктите во осигурителниот бизнис кои, како што рече, зависат од трендовите во светот и реосигурувањето.

Според него, можни се нови продукти во секторот земјоделство, а нивната цена ќе зависи од тоа колку земјоделците се подготвени да инвестираат во заштитата на посевите од непогоди.

– Може да дојде до намалување на цената на осигурувањето на посевите доколку тие преземат превентивни мерки и притоа ги намалат ризиците. На пример да постават противградобијни мрежи – рече Војновиќ.

Бруто полисираната премија кај земјоделското осигурување, лани пораснала за 65,98 проценти. Најголем раст во секторот е забележан кај осигурувањето на добитокот тоа кај индивидуалните земјоделци од 206 отсто, додека кај правните лица од 33 отсто.

Растот кај осигурувањето на посевите и плодовите кај индивидуалните земјоделци е 59,05 отсто, додека кај правните земјоделски стопанства 46,30 отсто.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...