Материјална штета на најмалку три автомобили и на прозорците на објектот предизвика група од околу 20 непознати маскирани лица во нападот за време на политички предизборен настан на Нова демократија во Атина.
Инцидентот се случи синоќа, пред зградата на осигурителна компанија во чии простории се одржа настанот, а меѓу другите присуствуваа и поранешниот премиер Андонис Самарас и пратениците Василис Кикиљас, Нотис Митаракис, Адонис Георгиадис, јави дописничката на МИА од Атина.
Веројатно е дека групата маскирани лица излегле од Факултетот Пандио што се наоѓа од спротивната страна и веднаш по нападот се вратиле во просториите на факултетот, а поради универзитетскиот имунитет полицијата не приведе ниту едно лице.
Пратениците Кикиљас и Митаракис реагираа преку нивните официјални Твитер профили и објавија фотографии од предизвиканата материјална штета.
– Анархисти само што го искршија мојот автомобил, напиша пратеникот од Нова демократија, Нотис Митаракис и објави фотографија од скршеното задно стакло на неговото возило.
– Веќе говориме за упатени насилници. Пред малку на настан на кој говорев за безбедноста спроти Факултетот Пандио, 20 лица со кациги нѐ нападнаа и кршеа сѐ што најдоа пред нив. И замислете, малку подолу на настан беше госпоѓата Папакоста, напиша на Твитер пратеникот од Нова демократија, Василис Кикиљас споменувајќи ја и заменичката министерка за цивилна заштита.
Од Нова демократија, велат дека станува збор за анархисти кои извршиле два паралелни напади во Солун и Атина, што всушност е напад врз демократијата.
-Истовремените напади на анархисти на предизборните настани на Нова демократија во Атина и Солун на кои присуствуваа и поранешните премиери Костас Караманлис и Андонис Самарас, но и поранешниот претседател на партијата, Евангелос Меимаракис не е само еден од многуте случаи на насилство што секојдневно ги живееме во ерата на СИРИЗА. Тоа е директен напад врз демократијата. Ја ставаме владата пред нејзините одговорности: Правилното спроведување на предизборната кампања е одговорност на организирана држава. Било што и да го наруши тоа, ќе биде на товар лично на Ципрас, соопштуваат од Нова демократија.
Од Министерството за цивилна заштита на Грција го осудија нападот и велат дека „никој на било кој начин не може да го наруши нормалата политичка процедура во демократијата“.