Немој и ти да ме разочараш, директоре Сашо Тасевски!

Од твоја страна, нека биде сè по пе-ес. Биди таков каков што велат дека си. Биди професионалец, не се лакоми и немој и ти да ни паднеш на некоја глупост. Те молам, немој! Доста ми е од разочарувања...

4608

Сашо Тасевски. Така се вика новиот директор на Бирото за јавна безбедност. Што ќе рече, шефот на нашата полиција. Многу важна фигура во хиерархијата во МВР.

Не го познавам човекот. Прочитав дека тоа е оној тип, кој за време на линчот во Собранието на 27 април лани, со пиштол во раката, храбро и одговорно ја врши својата работа – ги брани народните избраници од пучистите на Груевски. Се сеќавате на таа митска сцена…

Добар избор, тоа ми беше првата помисла.

Импресионира и биографијата на овој човек. Магистер по безбедност и докторанд на Факултетот за безбедност. Поранешен шеф на македонскиот дел на обезбедувањето на Амбасадата на САД. Дведецениска успешна кариера во МВР. Накусо, професионалец без маана.

Во ред, ќе си останам на првата помисла. Тоа ми е и навика. Но, ќе ја искористам привилегијата да го злоупотребам овој простор од весникот, за со господинот Тасевски да си се разбереме шчо напраифме и шчо треба да напраиме – за однапред.

Со Лазе Велковски, господине Сашо, напраифме беља. Самиот е виновен. И тој беше промовиран како одличен кадар. Дури и по одлуката за негово разрешување, по неговата глупава грешка со службениот џип, премиерот Заев го пофали како врвен професионалец. И верувам дека е така. Арно ама…

Да скратам. Немој и ти да ме разочараш, директоре! Аман! Доста ми е од разочарувања…

Од твоја страна, нека биде сè по пе-ес. Биди таков каков што велат дека си. Биди професионалец, не се лакоми и немој и ти да ни паднеш на некоја глупост. Те молам, немој!

Не се познаваме и за човек на твоја функција, најдобро е така и да си остане. Ако некогаш случајно се запознаеме, нека не биде службено и со обврски. Не сакам за тебе да пишувам. Ни да читам. Биди неупадлив, скромен и ефикасен.

Биди барем ти светол пример во оваа наша државна администрација, која врие од фрустрирани и распрдени неранимајковци. Се разбираме?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...