Спиење пред продавници и тепачки за да се купи саканиот производ поевтин и за 90 отсто од редовната цена за Блек фрајдеј (Black Friday) во земјава нема како во САД, но граѓаните веќе се навикнаа да очекуваат големи попусти пред крајот на годината почнувајќи од последниот викенд во ноември. Чистење на залихите и поголем промет пред крајот на годината им годи и на трговците кои за овој ден подготвуваат изненадувања за потрошувачите и цени и до 70 или 80 отсто пониски од регуларните. Трговските центри, пак, бележат и до четири пати повисока посетеност на Блек фрајдеј.
Следниот викенд со нетрпение го очекуваат граѓаните за да ги купат производите кои ги одбрале одамна. Но велат се скептични околу висината на попустите и можните манипулации со цените.
– Лани забележав дека продавачите во итност заборавиле да ја извадат регуларната цена на производот. Кога ја споредив со попустот утврдив дека таа била пониска пред намалувањето – вели скопјанин.
Трговците тврдат дека попустите не се измама. Цената е далеку под она што била претходно и е во зависност од политиката на брендот.
– Потрошувачите очекуваат попусти и цени како во САД каде што за Блек фрајдеј се нудат големи попусти, но и бројот на артикли кои можат да се купат за таа цена е ограничен. Кај нас попустите се за голем број производи, но попустите се движат од 20 до 60 па може некаде и до 80 отсто – вели трговец.
Тој додава дека за нив е доволно што ќе се ослободат од залихите и ќе можат да набават нова стока и секако важен е приходот кој ќе го остварат пред крајот на годината.
Организацијата на потрошувачите секоја година ги потсетува граѓаните да бидат внимателни со попустите и да ги пријавуваат неправилностите на соодветните државни органи и инспекциите кои ќе треба и да реагираат.
Големите трговските центри се подготвени за викендот на голема посетеност. Нивните очекувања се дека годинава Блек фрајдеј ќе им донесе неколкукратно повеќе посетители.
Скопје сити мол очекува следниот викенд да ја надмине бројката од 100.000 посетители достигната лани.
– За три дена колку што трае Блек фрајдеј и викенд (Black Friday and weekend) Скопје сити мол просечно го посетуваат по 100.000 граѓани.Дневно тргвскиот центар го посетуваат повеќе од 24 илјади граѓани. Кога има акции посетеноста расте, но овој викенд е рекорден – вели маркетинг менаџерот на Скопје сити мол, Дамјан Корубин.
Една недела пред очекуваниот викенд раководството на Скопје сити мол нема информација колкави попусти ќе понудат трговците.
– Вообичаено е да има поголеми намалувања на цените од сезонските попусти. Нашите закупците бидејќи се франшизи на светски или регионални брендови во овој период бараат од централите да одредат колкави ќе бидат попустите и тие навреме ќе бидат објавени. Наш апел е овие попусти да бидат поголеми од сезонските како што е практиката, за да можат да направат и поголем промет – вели Корубин.
Градскиот трвговски центар (ГТЦ) втора година по ред организира Блек фрајдеј.
– Годинава сме поорганизирани во однос на лани. Пуштивме анкетен лист до дуќаните и досега се пријавија 13 со најава дека ќе имаат попусти за Блек фрајдеј кои се движат и до 80 отсто зависно од брендот. Очекуваме бројот на посетители следниот викенд да биде далеку поголем од лани – вели директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски.
Блек фрајдеј стана синоним за попусти и во другите трговски центри и продавници, но за разлика од САД и ЕУ попустите не се толку високи.
Во САД, Black Friday е веднаш по денот на благодарноста. Со овој ден се означува почетокот на големата божиќна шопинг сезона и е најпрометен ден во малопродажбата.