Државата треба да реши дали воопшто ќе дозволи отворање на рудници пред да носи измени на закони со кои се ограничуваат инвестициите во овој сектор. Ова е првичната реакција на Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора на предложените измени на Законот за минерални суровини со кои се овозможува едностран раскин на договорот за концесија од страна на државата кога експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението. Тие сметаат дека измените се нелогични, ќе го нарушат процесот на експлоатација на рудата и ќе ги одвратат инвеститорите.
Вчера министерот за економија Крешник Бектеши најави дека измените на Законот за минерални суровини предвидуваат можност за едностран раскин на договорот за концесија на рудниците во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население, односно дека ќе се одзема концесијата за отворање рудник, ако половина од граѓаните кои живеат во близина на рудникот се пожалат на загадување. На инвеститорите им се дава можност да поднесат барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик.
Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство, вели дека предложените измени на Законот за минерални суровини е на штета на инвеститорите и економијата во која рударството дава добар придонес.
– Законот за минерални суровини е специфичен и се однесува на широка област на експлоатација на минералното богатство, а последните измени кои ги најави министерот се носат без сеопфатна анализа и се нелогични. Дополнително отвораат можност за злоупотреба од страна на граѓаните бидејќи веќе стана практика пред отворање на рудниците граѓаните да реагираат затоа што инвеститорите, според нив, не ги исполнил, на пример ветените вработувања. По нивната реакција, државата најчесто реагира со одземање на концесијата и потоа е принудена да плаќа пенали – вели тој.
Николов појаснува дека отворањето на рудник, посебно за ископ на метална руда е милионска инвестиција и при одземањето на дозволата инвеститорот трпи големи штети.
– Само спроведувањето на деталните истраги на локациите чини најмалку 3 милиони евра. Дополнително се вложува во подготовките и отворањето на рудникот што е инвестиција од повеќе десетици милиони евра од 60 до 100.000 евра и повеќе. И по толкава инвестиција, да ја изгуби концесијата е крајно неекономски и нелогично – вели Николов.
Тој смета дека е задоцнето одземањето на дозволата во моментот кога треба да се отвори рудникот.
– Се заборава на А-интегрираната еколошка дозвола и можностите што ги дава таа. Оваа дозвола гарантира дека ќе се работи без загадување на околината и работењето спротивно на нејзините критериуми, според тоа, може да биде причина за одземање на концесијата и казнување на инвеститорите. И тоа треба да го користи државата – вели Николов.
Според него, многу пологично би било одземањето на дозволата да се врши за време на деталните испитувања кога може да се установи дека рудникот ќе загадува.
За решението со кое на инвеститорот по одземената дозвола му се дава можност да поднесе барање за добивање нова концесија на друг локалитет, вели дека е компромис кој не може да важи за рудниците на метали.
– За да се отвори рудник за метали се потребни детални испитувања на теренот и подготовки за експлоатација, што значи дека инвеститорот нема да може веднаш да вади руда. Во земјава нема готови рудници каде што може директно да се вади руда па тоа ќе значи загуби на време и дополнително трошење пари. Оваа можност повеќе би важела за каменоломите каде што процесот за отворање рудник е многу побрз и поевтин – вели тој.
Доколку во овој случај се мисли на каменоломите, додава тој, тогаш законодавецот тоа мора изрично да го посочи во законот.
Според него, државата треба да има стратегија за тоа како ќе се експлоатира минералното богатство, а потоа во текот на постапката за отворање рудници да се соработува со населението и да му се даваат вистински информации за процесот на работа на рудниците.