Арапска лига денеска соопшти дека нема согласност помеѓу земјите членки да и се врати членството на Сирија, кое е поништено во 2011 поради насилството врз демонстрантите на почетокот на граѓанската војна.
Арапските држави и американските сојузнички, меѓу кои се Катар, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати со години ги поддржуваат противниците на претседателот Башар ал Асад, но сириските владини сили успеаја да им нанесат тешки порази на бунтовниците со помош на Русија и на Иран.
ОАЕ повторно отворија Амбасада во Дамаск во декември минатата година, истакнувајќи оти таквиот чекор има за цел нормализација на билатералните односи и намалување на ризикот од мешање на регионалните сили во „арапско, сириските прашања“, алудирајќи на неарапските држави Иран и Турција.
Генералниот секретар на АЛ и поранешен египетски министер за надворешни работи Ахмет Абоул Геит наведе дека се уште нема согласност Сирија да се врати во Арапска лига.
– Внимателно ги следам настаните и се уште немам забележано заклучоци кои би довеле до согласност за која зборуваме и до состанок на арапските министрите за надворешни работи, на кој би се објавил крај на меѓусебните недоразбирања и би го вратиле членството на Сирија – посочи Геит.
Тој додаде дека шефовите на дипломатијата на арапските држави треба да имаат два состанока пред самитот на АЛ, што треба да се одржи на крајот од март во Тунис.
– Меѓутоа, не станува збор за време туку за волја. Станува збор за согласност на земјите членки. За да и се врати членството на Сирија мора да постои консенсуз – наведе Геит.