Нема поента рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да доаѓа во посета на Грција со оглед на сегашните околности, изјави денеска рускиот амбасадор во Атина Андреј Маслов.
– Сметам дека во сегашната ситуација нема поента, па дури и кога е во прашање претходен договор, бидејќи посетата требаше да се случи во септември. Прерано е да се зборува за тоа додека не се разреши ситуацијата – истакна Маслов.
Според него, Лавров добил покана да ја посети Грција, но се уште не ја прифатил, така што е тешко да се предвидат натамошните случувања.
Маслов изјави дека Русија ќе протера грчки дипломати, а датумот кога тоа ќе се случи, како и бројот на протераните, се уште се непознати.
– Ние веќе рековме дека следат реципрочни мерки. Не знам кога, кој, ниту точна бројка, но секако, согласно постојната пракса, ќе има контрамерки – рече Маслов.