Нема закуп на тезги ако не се повлече Законот за трговија на зелени пазари

Законското решение не ги задоволи очекувањата на организаторите на пазари бидејќи не ги решава проблемите за кои требаше дабиде донесен.

525

Пазарите нема да потпишуваат договори за закуп на тезги со пазарџиите додека не се повлече Законот за трговија на зелените пазари или се одложи неговата примена за да се усогласат решенијата меѓу заинтересираните страни. Ова е договорено на последната средба на Групацијата на организатори на пазари при Стопанската комора.

– Законското решение не ги задоволи очекувањата на организаторите на пазари бидејќи не ги решава проблемите за кои требаше да биде донесен. Дополнително, одделни решенија во законот ќе го намалат бројот на пазарџии за 30 отсто, што ќе влијае и на намалување за 30 до 50 отсто на прометот на зелените пазари. Од сето ова и државата ќе има помали приходи – изјави на денешната прес-конференција во Стопанската комора, Данела Михајловска Василевска.

Ограничувањата за тоа кој може да продава на зелените пазари, како што рече Василевска, би можело да предизвика и зголемување на „сивата“ економија преку трговија на нерегистрирани продажни места што е спротивно на интенцијата на законодавецот за регулирање на трговијата на зелените пазари.

Групацијата на пазарите бара и да се преиспитаат одредбите со кои се уредува коморскиот систем на закупците на тезги со кои се дава овластување само на еден субјект да издава лиценци за трговци на зелени пазари со што се монополизира системот.

Од Групацијата сметаат дека и воведувањето лиценца и висината на цената што треба да ја платат за неа пазарџиите не соодветствува на нивната финансиска моќ.

– Вкупно 1,2 милиони евра ќе инвестираат 20.000 пазарџии само за добивање лиценци кои се даваат по цена од 60 евра за една тезга – вели Михајловска Василевска.

Покрај овој издаток пазарџиите ќе треба да платат и закуп на тезга, а треба да платат и за здравствено и за пензиско осигурување.

За своите ставови околу примената на законот од Групацијата ги информирале и членовите на собраниската Комисија за економски прашања и испратиле допис до премиерот, визепремиерот задолжен за економски прашања, како и до министерот за економија и инспекциските служби.

Од Групацијата велат дека до сега ниту еден пазарџија не поднел барање за потпишување договор за закуп на тезга и немаат информација колку лиценци се издадени до сега.

Од комората на трговци, пак, тврдат дека од вторник е почнато да се издаваат лиценци. Само првиот ден биле издадени 15 лиценци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...