Централниот регистар од почетокот на февруари следната година ќе го стартува регистарот на вистински сопственици, обврска од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, а е дел и од директива на Европската унија.
Ова денеска го најавија од Централниот регистар на средба со новинари.
Регистарот од 15 јануари ќе биде подготвен во демо верзија, а од неговото официјално стартување, сите регистрирани правни субјекти во рок од три месеци ќе треба да ги внесат податоците за вистинските сопственици.
– Сметководителите на правните субјекти ќе треба да извршат ажурирање на податоците односно да ги внесе податоците за вистинските сопственици во Регистарот. Рокот за тоа е три месеци од официјалното стартување на Регистарот. По тие три месеци тој што нема да ја пополни потврдата за вистински сопственик ќе биде казнуван со закон – велат од Централниот регистар.
Новите правни субјекти, пак, по чинот на регистирање во Централниот регистар ќе треба во рок од осум дена да пополнат пријава за вистинскот сопственик за да може да се евидентира во регистарот на вистински сопственици.
Сопственичката структура во регистарот ќе биде исто така јавно достапна како и останатите податоци од Централниот регистар.
Регистарот на вистински сопственици требаше да се воспостави до 1 ноември годинава, но неговото воспоставување беше одложено поради сложените административни процедури кои беа причина за задоцнето потпишување на договорот со германската ГИС која го донира системот.
Според законските одредби секој потенцијален правен субјект е обврзан да пополни соодветен формулар во кој ќе наведе каде и во колку компании има сопственост, кои се тие, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде има акции и каде е евентуално претседател на управен одбор. Секој удел на физичкото лице во кој било правен субјект, без оглед дали е два, пет, 50 или 100 проценти треба да биде внесен во Регистарот на вистински сопственици.
Од Централниот регистар најавија и стартување на нов портал кој ќе обезбеди поголем број информации за субјектите.