Немало грчки предлог за ново име што ќе се применува и во нашата земја, барем не до сега!

 Два компетентни извори, независно еден од друг, ми го потврдија истото - од моментот кога Глигоров ги отфрла непристојните предлози и уцени после Лисабон, до самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, ниту еден предлог на грчката страна – ни директно ни преку посредници! – не е презентиран како предлог за име erga omnes за меѓународна, но и за внатрешна употреба во Македонија.

4704

Ме збуни, признавам, тврдењето на Тони Десковски, чија експертиза во врска со спорот за името ја почитувам (без оглед што со неговите заклучоци базично не се согласувам), дека од самиот почеток на спорот, практично од планот на Венс и Овен од 1993 година, грчкиот предлог erga omnes секогаш подразбирал име за целосна надворешна и внатрешна употреба во нашата земја и дека како таков секогаш бил поддржан од меѓународниот фактор.

Сум разговарал безмалку со сите наши преговарачи во овие 25 години и навистина, имам слушнато за тврдата позиција на странците во раните деведесетти (периодот пред и по Лисабонската декларација), кога Киро Глигоров енергично го одбива целосно преименување на државата и ги отфрла жестоките притисоци. Но, навистина немам слушнато дека подоцна, а особено по Времената спогодба од 1995 година, кога било и каде било, на маса се нашол грчки предлог за ново erga omnes име за нашата земја, за целосна надворешна, но и – го потенцирам ова! – за целосна внатрешна употреба.

Што прави новинарот кога се сомнева дека нешто можеби прошуштил, некој значаен факт што може да ја смени перцепцијата за актуелниот момент на преговарачкиот процес? Им дава на Грците сѐ што ќе посакаат? Не. Создава нов идентитет, бидејќи стариов е мртов? Чувај боже! Го брани Амди Бајрам? Бљак. Новинарот ги проверува фактите од прва рака, кај компетентни извори. Јас денеска го сторив тоа. Имено, разговарав не со еден, туку со два компетентни извора, независно еден од друг.

И вистината е оваа – она што го тврди Десковски, сепак не е точно. Или попрецизно, од моментот кога Глигоров ги отфрла непристојните предлози и уцени, до самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, ниту еден предлог на грчката страна – ни директно ни преку посредници! – не е презентиран како предлог за име erga omnes за меѓународна, но и за внатрешна употреба во Македонија. Според едниот од моите извори, тоа евентуално можело да се случи подоцна, по самитот во Букурешт, кога на власт е Никола Груевски. Дури и во тоа се сомневам, но ветувам дека ќе го проверам.

Ова е многу важно да го знае јавноста, но од исклучително голема важност е да го има предвид и нашиот преговарачки тим. Зашто, евентуалното прифаќање ново, компромисно име, кое ќе се применува и во официјална употреба и во правниот сообраќај во нашата земја, ќе значи крупен преседан. Некои експерти велат дека дури и да се договори такво нешто, имплементацијата на таквото решение во Македонија ќе биде практично невозможна. Но, за тоа во друга прилика.

Овој пат, колку да се знае – нашата влада секогаш преговарала (разговарала), а се надевам и сега преговара, за компромисно име, во чија основа ќе биде зборот Македонија, со јасни одредници за македонскиот идентитет, но за име кое ќе служи за меѓународна употреба, односно за службена комуникација на нашата држава и на нејзините граѓани во меѓународниот правен сообраќај. Не за име за по дома.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...