Од 80 општини во Македонија, за една година, дури петнаесетина поранешни градоначалници заработија кривична пријава и тие нанеле огромни штети на општинските каси. Државниот завод за ревизија пак, при спроведените ревизии во општините, речиси секогаш пронаоѓал трошоци за кои нема поткрепа со соодветна документација и нема критериуми за тоа кој и зошто добивал пари. За огорченоста во работењето на градските татковци, не ретко зборувале и нивните сограѓани.
Истовремено, општините, без исклучок со години се жалат дека немаат доволно пари, многу фактури остануваат неплатени и долговите се трупаат. Дваестина општини поради овие долгови со години се со блокирана сметка, но тоа не значи дека тие немаат пари за тековно работење и за одредени активности, затоа што според Законот за извршна постапка, судот врз основа на нивно барање и докази, им одредува неопходен минимум за работа.
Со цел да се раздолжат општините, а и во јавните претпријатија и во фирми на кои тие им должат да стигнат пари, Владаат одлучи да покрие 51 отсто од нивните долгови за што со ребалансот издвои 50 милиони евра.
Заслужуваат ли општините да им се плаќаат долговите?
Со повеќе од 20 милиони евра натрупани долгови, Општината Охрид е рекордер. Но сепак, таа летово издвоила пари за концерти на Марија Шерифовиќ, за Северина, за Бела ноќ, за новогодишен концерт.
Градоначалникот на Општина Охрид Јован Стојаноски вели дека во јавноста се манипулира со многу поголеми бројки за овие концерти, дека износите се помали и дека и понатаму ќе мора да се негува забавата во Охрид.
– Охрид е туристички град и концерти треба да има. За да дојдат гости и за да заработиме од нив, мора да има забава- вели Стојаноски и потенцира дека за тоа кој ќе пее и настапува има одлука од Советот на градот, при што се е транспарентно за разлика од порано.
Најскапото возило пак, според истражувањето на Призма е во Свети Николе, таму Општината има мерцедес од 77.000 евра.
– Мерцедес од 77.000 евра имало нашто село. Буџетот на општината не надминува 3,5 милиони евра (повеќе од половина са дотации од централната власт) а општината пред неколку години зеде кредит од повеќе од 700.000 евра за изградба на една улица“, напиша на својот фејсбук профил светиниколчанецот Стефан.
По кој критериум општините ќе добијат пари
Од Министерството за финасии велат дека нема да навлегуваат во структурата на финасиите на општините и дека секоја општина ќе добие износ од 51 отсто од она што го пријавиле како заостанат долг.
– Парите ќе стигнат на посебна наменска сметка. Општините пак, ќе мора да известат кому и за што му платиле. Во врска со самото плаќање на долгови има дефинирано стандарди, за да нема селективност од страна на општините во однос на подмирувањето долгови. Така, на пример, предност ќе имаат оние доверители кои ќе се откажат од каматите- велат од Министерството за финасии.
Претседателот на Комисијата за финасирање при ЗЕЛС Аце Коцевски вели дека тој иако е на оваа функција не е известен од страна на Министерството за финасии на кој начин ќе се распределуваат парите од државната каса.
– Мора да има многу прецизни критериуми, за да не се случи тие што не работеле домаќински и што не плаќале долгови да бидат наградени, а тие што почнале да ги расчистуваат сметките да не добијат пари – вели Коцевски.
Коцевски кој е и градоначалник на Велес вели дека тој затекнал долг од околу 1,5 милиони евра само за неплатена комунална услуга кон ЈП „Дервен“
– Замислете, на јавното претпријатие кое е основано од самата општина од 2013 до 2017 година не му е платена ниту една фактура. Еден дел од долгот успеваме да платиме, а до крајот на годината се надеваме дека платениот износ ќе биде околу 500.000 евра – вели Коцевски.
Кривични пријави
Градоначалниците со кои контактиравме се сложни дека во иднина мора да постои многу поголема контрола врз трошењето на општинските пари, но и покренување на постапки по извештаите на Државниот завод за ревизија.
Засега се покренати кривични пријави за петнаесетина поранешни градоначалници.
Поранешниот градоначалник Стеве Јакимовски има кривични пријави за оштетување на буџетот со сума од речиси 600.000 евра и тоа веројатно е рекродниот износ. Екс-градоначалникот на Битола Владимир Талевски се терти за оштетен буџет од речсии 360.000 евра, а кривични пријави има и за поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, како и за поранешните градоначалници на Демир Капија, Берово, Василево, Прилеп Штип, Свети Николе, Крива Паланка, Општина Зрновци, Ново Село, Куманово, Велес и Радовиш.
Весна Дамчевска (Слободен печат)