Пет милиони евра, толку според првичната проценка на земјоделците изнесуваат штетите од минатонеделното невреме во Овчеполието.
Земјоделците очекуваат обесштетување и апелираат државата итно да го врати системот на градобијна заштита.
За денеска во Ново Село, директно на терен, е закажана средба со претставници на локалните самоуправи од Велес, Свети Николе и Лозово. На средбата ќе присуствува и ресорниот заменик-министер Благе Цветковиќ.
– Ние очекуваме обесштетувања, но зависи како ќе го „прогласат“ невремето. Штетата е фактички направена, невремето е виша сила, а градобијни ракети нема што е најголема слабост и не треба ни секунда да се размислува за нивно враќање со оглед на новата технологија. Денеска, во Ново Село, на самото место ќе се видат штетите и ќе се договориме како и кога ќе биде проценката зашто еден сопственик може да има во повеќе општини. Исто така има и луѓе со по 700 – 800 хекатри- изјави за МИА претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.
Од невремето во средата најмногу настрадаа житните култури, лозјата, овошните насади и градинарството, но предизвикани се и материјални штети. Според Министерството за земјоделство кое ја потврди денешната средба, комисиите за проценка од локалните самоуправи се веќе формирани и денеска треба да излезат на терен.
Силните врнежи проследени со град и грмежи зафатија околу 5.000 хектари површина, од Велешко брдо до Црнилиште, Светиниколско.