Чешкиот премиер и милијардер Андреј Бабиш е во неволја: зачестија медиумските притисоци поради работите што тој ги правел во минатото, а и сега. Во центарот на вниманието е улогата на Бабиш (во која го вплетка и неговиот син) околу повластиците од европските фондови во тнр. Афера „Штрково гнездо“: иако не е официјално објавен, чешките медиуми дошле до извештајот на ЕУ во кој се вели дека во овој случај Бабиш се наоѓа во судир на интереси. Тоа по којзнае кој пат ги разбранува овдешните политички води, па и самиот претседател Земан мораше да се изјасни, додуша на ,Соломонски начин – дека најпрвин го очекува официјалниот извештај.
Во меѓувреме чешкиот уставен суд во Брно го прогласи за неуставен т.н. „Бабишев закон“ за прашањата на имиграцијата, азилантите и прифаќањето на странските работници, за оваа работна недела сите овдешни весници да ја започнат со старо-нова приказна за Бабиш. Таа доаѓа од Европскиот суд за човекови права кој уште на 20 ноември ја одбил жалбата на Андреј Бабиш за повреда на неговите човекови права во судовите на соседна Словачка, инаку негова родна земја. Работата воопшто не е наивна и се однесува на судска потврда за тоа дека Бабиш бил соработник на бившите комунистички тајни служби во Словачка. Некои работници на тајната служба сведочеле во полза на Бабиш, но историчарите и припадниците на овие служби се изјасниле дека повеќе им веруваат на документите отколку на исказите на поединци. А во тие документи, како што се наведува, Бабиш се води под кодното име Буреш. А во Словачка уште наведуваат дека имало обиди тоа име да се избрише од списокот на соработници на тајната служба. Во судската одисеја стигнал до Врховниот суд на Словачка каде што дефинитивно е запрен, па правдата морал да ја побара во Европскиот суд за човекови права.
Самиот Бабиш го потврди постоењето на пресудата на Европскиот суд за човекови права: „Да, имам таква информација“, рече тој, додавајќи дека предметот сега го проучуваат неговите адвокати. Според нив, спорот не е завршен во Стразбур и ќе продолжи во Словачка. Бабиш повторува дека случајот го добил на сите инстанци во словачките судови, за на крајот Уставниот суд да донесе неразбирлива одлука. Во СМС порака тој напиша дека вистината е на негова страна: „Уверен сум дека ќе го добијам спорот, зашто никогаш не сум бил соработник на тајната служба“.
Наведувањето на соработката со тајната полиција под кодното име Буреш, секако влијаеше дел од овдешната јавност на Бабиш да гледа негативно. Затоа Бабиш и денес упорно тврди дека никогаш нема да се помири со пресудите и дека, како што рече уште во февруари, ќе се суди до смрт. Хронологијата на Бабишевиот „од по маките“ по словачките судски сали во настојување да ја докаже својата невиност е долга, а првата тужба Бабиш ја поднел во 2012 година.
Инаку, не е тајна дека Бабиш пред ноември 1989 година бил член на Комунистичката партија. Сето тоа не му пречело да стане прво министер за финансии, а на последните избори неговото движење на незадоволни граѓани АНО да освои убедливо мнозинство и да го заземе премиерското место.
Кога веќе се расплете приказната за разузнавачките работи, да додадеме на крајот дека и чешкиот претседател Милош Земан влезе во војна со својата контраразузнавачка служба наведувајќи ги само нејзините годишни извештаи за активностите на руските и кинеските разузнавачи овде, во Прага. Шефот на чешките разузнавачи Клоуделка рече дека во текот на последните пет години се осуетени десеттина руски и кинески офицери во нивните активности, дека на сите не им се издадени акредитации, а некои се и протерани од земјата. Премиерот Бабиш по овој повод изјави дека нема никакви недоразбирања со Разузнавачката служба.