Невладини: Пратениците да се повлечат од предлогот заменик директор да се бира во јавните претпријатија

Со измените на Законот за јавни претпријатија предложени од група пратеници се предлага востановување функција заменик директор во јавните претпријатија.

482

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), бараат повлекување на предлог измените на Законот за јавни претпријатија предложен од група пратеници. Со измената се предвидува нова функција – заменик директор.

– Измените на закон од ваков карактер е потребно да бидат поткрепени со сеопфатна анализа која навистина ќе ја докаже потребата од ваква функција. Предлогот кој е на дневен ред во Собранието не содржи соодветна анализа – велат од овие невладини организации.

Според нив логиката на ваквата промена е погрешна.

– Имено, постоечките критериуми за избор на директор, а сега и заменик директор на јавно претпријатие, се ниски и овозможуваат вработување на раководство кое не неопходно има повисоко искуство од постоечките вработени.Оттука, според важечкиот закон, во кој директорот, во негово отсуство назначува вработен како замена, значи поголема шанса некој со поголемо искуство да раководи со претпријатието. Истовремено, постои системски недостиг на транспарентност при изборот на директори што дополнително ги зајакнува ризиците од политички клиентелизам- велат од невладините.

Според нив, иницијатива во целост се коси со заложбите за реорганизација и рационализација на големината на јавниот сектор, која ја најавува Владата.

Финансиските имплликации за воведување на вакви позиции може да се претпостави дека би изнесувале околу 2 милиони евра годишно на товар на граѓаните, ако се земе во предвид дека во државата постојат 129 јавни претпријатија.

– Од податоците кои се јавно достапни, во 22 од овие 129 јавни претпријатија има помалку од 10 вработени. Ако се земе во предвид дека сите овие јавни претпријатија покрај директор има и управен и надзорен одбор, тоа значи дека поголем е бројот на избрани и именувани лица, од бројот на вработени кои се носители на дејноста. И сега наместо да се направи рационализација, односно да се намалат бројот на функции, се воведува нова дополнителна функција. Сите овие податоци наведуваат на заклучок дека предлогот за воведување на дополнителна функција во јавните претпријатија е нерационален- велат трите невладини организации.

Доколку, додаваат тие, се анализира рентабилноста на јавните претпријатија, квалитетот на услугите кои ги даваат, задоволството на граѓаните од овие услуги, начинот и постапката на избор на членови на управни и надзорни одбори, како и квалитетот на нивната работа, се доаѓа до заклучок дека е нужно да е пристапи кон квалитативно и системско решавање на проблемите со јавните претпријатија, а не да се воведуваат дополнителни функции.

Поради сето претходно наведено, ги повикуваме политичките партии, и пратениците да посветат поголемо внимание на анализи и креирање на политики и закони врз база на докази.

Произволните предлози, без поткрепа, и консултација со засегнатите страни кои ја истражуваат материјата, не се во интерес на Република Македонија.
Истовремено, ги повикуваме пратениците да посветат внимание на надзорот врз работата на јавните претпријатија, врз критериумите според кои се бира раководството, и врз перформансот. Овие претпријатија располагаат со значителни финансиски средства, а нивната улога ги засега граѓаните во секојдневниот живот.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги повикуваат пратениците на престанат да ја користат скратената постапка за да избегнат анализа, дебата и инклузивен процес кој вклучува други засегнати страни, при носењето на законите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...