Официјалните статистички податоци изработени од Народната банка од денеска се достапни преку новиот статистички веб-портал „НБСтат“.
Народната банка со тоа ја напушта практиката на објавување податоци само во форма на документи во ексел-формат во делот „Статистика“ на институционалната интернет-страница и сите статистичките податоци ќе ги објавува исклучиво преку новиот статистички веб-портал „НБСтат“, изработена преку проект поддржан од Европската унија.
Од Народната банка информираат дека со „НБСтат“ се приклучува кон европското семејство на овластени носители на статистички истражувања, согласно препораките на Евростат и на Европскиот статистички систем.
„Особено значајна придобивка од пуштањето во употреба на статистичкиот веб-портал на Народната банка е што покрај стандардното следење на централнобанкарската статистика, од денес преку него корисниците ќе имаат можност за самостојно филтрирање на податоците и изготвување временски серии, како и за нивно прикажување во повеќе форми на визуализација и за нивно преземање во различен формат. На тој начин значително се прошируваат и можностите за анализа на податоците од страна на корисниците“, се вели во соопштението од Народна банка.