НБРМ: Растат кредитите и депозитите, банките го поддржуваат стопанството

116

Советот на Народната банка денеска го разгледа и усвои најновиот Квартален извештај, при што  констатира дека споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со априлските проекции покажуваат извесни отстапувања.

На седницата беше заклучено дека и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика.

„Се очекува  домашната економија и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција, којашто ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона“, стои во соопштението на НБРМ.

НБРМ информира дека во периодот април-јуни годинава, стапката на инфлација изнесуваше 1,5 отсто, во просек, на годишна основа, во најголем дел како резултат на растот на базичната инфлација, но позитивен придонес имаа и прехранбената и енергетската компонента.

Во Извештајот е забележано дека инфлацијата во второто тримесечје од годинава е под очекуваната за кварталот во рамки на априлската проекција, што заедно со нагорната ревизија на очекувањата за увозните цени упатува на врамнотежени ризици за проектираната инфлација за 2018 година.

Во првото тримесечје, дефицитот во тековната сметка се задржа на релативно ниско ниво и изнесуваше околу 1,5 отсто од БДП. Од друга страна, нето-приливите во рамки на финансиската сметка достигнаа околу 4 отсто од БДП, што претставува поповолно остварување во однос на априлските очекувања.

Овие поместувања во билансот на плаќања доведува до пораст на девизните резерви во првото тримесечје, којшто продолжи и во вториот квартал од годината, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ.

– При разгледувањето на Извештајот, одделно беше истакнато дека во текот на вториот квартал на оваа година, кредитната активност на банкарскиот сектор оствари раст, при што поголем придонес кон растот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот „домаќинства“. Сепак, истовремено, и кредитирањето на корпоративниот сектор беше исто така солидно и имаше висок придонес кон кварталната промена на активноста на кредитниот пазар. На годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал од годинава достигна 6,3 отсто – информираат од Централната бнака.

Во однос на изворите на финансирање, забележан е забрзан раст и на депозитната база. Годишниот раст на вкупните депозити на крајот на јуни достигна 10,5 отсто, што е исто така над последната проекција од 7,4 отсто.

– Забрзувањето на растот кај депозитите во вториот квартал произлегува од депозитите на претпријатијата, со натамошен позитивен придонес на депозитите на домаќинствата – образложуваат од НБРМ.

Од НБРМ очекуваат позитивните трендови кај депозитната база на банките да продолжат и во следниот период, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст, којшто според априлската проекција, во следните две години би се движел помеѓу 6,5 отсто и 7,7 отсто.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...