Народна банка ја задржува каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти, одлучил денеска Комитетот за оперативна монетарна политика.
Во соопштението од Централната банка по седницата се вели дека Комитетот одлучил исто така на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.
Оценка на Комитетот дека активностите во економијата се слични како и во вториот квартал годинава, со раст на индустријата и трговијата и негативни остварувања кај градежништвото.
„По растот на економијата од 1,6 отсто во првата половина на годинава, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сѐ уште негативни остварувања кај градежната активност“, констатира Комитетот.
НБРМ информира дека во октомври годинава продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо. Најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата.
„Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата“ се додава во соопштенито.