НБРМ: Зголемени девизните резерви и кредитирањето, растот на БДП помал од очекуваниот

187

Монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на редовната седница и реши да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 отсто.

На седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во август па досега, не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оценки кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, кои засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Констатирано е дека и натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување и оти Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи сите економски и пазарни показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На вчерашната седница, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, Комитетот одлучи понудата на благајнички записи, за аукцијата што ќе се одржи денеска, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

– Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната основа на банките. Ризиците за економијата од домашното, но и од надворешното окружување и понатаму се присутни, соопшти НБРМ.

Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции, упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата, се вели во соопштението.

– Согласно со објавените проценети податоци, растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот, главно заради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамки на јавните инфраструктурни инвестиции. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оценка за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од високофреквентните податоци упатуваат на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината, велат од НБРМ.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари – септември, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5 отсто, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Во услови на послаби остварувања, но и нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, се оценува дека ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2018 година се врамнотежени.

– Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на претходната година, за што во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е малку повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона. Расположливите показатели од надворешниот сектор за третиот квартал од годината засега се ограничени, потенцираат од НБРМ.

Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари – август, посочуваат, укажуваат на малку повисок трговски дефицит во однос на априлската проекција, додека расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисок нето-откуп. Во однос на остварувањата во вкупниот биланс на плаќања, податоците за првата половина од годината упатуваат на подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција.

– Првичните монетарни податоци за септември 2018 година покажуваат натамошен раст на кредитите, при забележано месечно намалување на депозитната база. Имено, во септември, депозитите забележаа мал пад, што произлезе од намалувањето на корпоративните депозити, додека штедењето на домаќинствата и натаму се зголемува. На кредитниот пазар, во септември, се забележуваат позитивни поместувања кај корпоративното кредитирање, кое по намалувањето во претходните два месеца, во септември бележи раст и има најголем придонес кон растот на вкупните кредити. Воедно, продолжи и трендот на зголемување на кредитната поддршка на населението. Депозитните и кредитните текови во текот на третиот квартал се повисоки од очекуваните за овој период, при што и нивото на депозитите и на кредитите во септември го надминува проектираното, порачуваат од НБРМ.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, додаваат,  денарските ликвидни средства на банките се намалија, под влијание на трансакциите на државата, што делумно беше надоместено со сезонски пониската побарувачка за денарска готовина.

– На девизниот пазар, Народната банка, и во текот  на септември и првите денови од октомври, интервенира со откуп на вишокот девизи, придонесувајќи за умерено зголемување на денарската ликвидност на банките. Од почетокот на годината досега, вкупниот откуп на девизи од страна на Народната банка изнесува околу 250 милиони евра. Интервенциите ги одразуваат поволните поместувања на девизниот пазар во трансакциите на банките со корпоративниот сектор, но и поголемиот нето-откуп на менувачкиот пазар, а при истовремено солидна девизна ликвидност на банкарскиот систем, посочуваат од Централната банка.

Високата денарска ликвидносна позиција кај најголем дел од банките, прецизираат, и во септември придонесе за  намален обем на тргување на пазарите на пари, а банките го пласираа поголемиот дел од вишокот денарски средства во расположливи депозити преку ноќ кај Народната банка.

– Во септември беше забележано зголемување на приносите на државните обврзници од двете страни на Атлантикот, под влијание на постепеното враќање на склоноста кон преземање ризик и потврдата за постепено намалување на монетарниот поттик во еврозоната. Имено, на последниот состанок на ЕЦБ беше потврдено дека, почнувајќи од октомври, ќе се намалува месечниот откуп на хартии од вредност во рамки на програмата за квантитативно олеснување, а претседателот Драги посочи на очекувања за натамошно приближување на инфлацијата кон целната инфлација, што создава простор за почеток на нормализирање на политиката во текот на наредната година. Централната банка на САД – ФЕД продолжи со започнатата нормализација на монетарната политика, така што по третпат во 2018 година, го зголеми целното ниво за распонот на каматните стапки, за 25 базични поени, на нивото од 2-2,25 отсто. И покрај ваквата стабилизација, во текот на месецот на пазарите се појавуваше одредена неизвесност и зголемен интерес на пазарните учесници за инвестиции во сигурни финансиски инструменти. Оваа неизвесност беше реакција на ризиците околу фискалната позиција на Италија. Натамошното заострување на трговските тензии помеѓу САД и Кина, по стапувањето во сила на дополнителните царини воведени од страна на САД за увоз на кинески производи во вредност од 200 милијарди САД-долари, предизвика дополнителна пазарна неизвесност – велат од НБРМ. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...