НБРМ: Економијата заживува, проекциите остануваат исти

77

Состојбата во економијата во вториот квартал од годинава е поповолна во однос на претходниот квартал, но кај одредени сегменти има извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, оцени НБРМ.

„На ваква констатација упатува прометот во трговијата, чијшто раст е нешто посилен во однос на првиот квартал, значителното забавување на падот на вредноста на извршените градежни работи, како и подобрувањето на показателот за економската доверба“, стои во соопштението на НБРМ од денешната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

НБРМ оцени и дека сепак има отстапувањата во однос на показателите кои не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика.

„Извесни отстапувања се забележуваат во делот на економската активност, каде што првичните податоци за БДП во првиот квартал на 2018 година упатуваат на минимален раст, што е под проектираното движење, како одраз на послабиот раст на приватната потрошувачка и поголемиот пад на инвестициите“, констатира НБРМ.

Во однос на движењето на стапката на инфлација, според податоците за јуни, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина од годината изнесува 1,5 отсто при што и натаму се движи под нивото од априлската проекција.

„Во услови на пониски остварувања од проектираното и истовремено нагорна ревизија на очекувањата за увозните цени, засега се оценува дека ризиците околу проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2 отсто се урамнотежени. Секако, неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму останува главен ризик околу проекцијата на инфлацијата“, оценува НБРМ.

Податоците за девизните резерви за второто тримесечје на 2018 година укажуваат на раст во однос на крајот на првиот квартал, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ.

Показателите за нивната адекватност покажуваат дека тие и понатаму се наоѓаат во сигурна зона.

„Остварувањата кај надворешнотрговската размена за април и мај упатуваат на можност за нешто понизок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје на 2018 година. На менувачкиот пазар, заклучно со втората декада на јуни, остварени се повисоки нето-приливи од приватните трансфери во споредба со очекувањата за вториот квартал“, наведуваат од НБРМ.

Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за јуни покажуваат натамошно месечно зголемување и на депозитите и на кредитната активност.

„Месечното зголемување на вкупните депозити во најголем дел е резултат на повисоките депозити на претпријатијата, при позитивен, но релативно помал придонес на депозитите на домаќинствата. Во однос на кредитниот пазар, зголемената кредитна активност во јуни речиси подеднакво произлегува од кредитите одобрени на домаќинствата и на претпријатијата“, стои во соопштението.

Депозитните и кредитните текови во периодот април – јуни се повисоки од проектираните за второто тримесечје на 2018 година, упатувајќи на натфрлање на проекцијата за овој период.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, денарските ликвидни средства на банките продолжија да се зголемуваат, што главно беше одраз на интервенциите на Народната банка за откуп на вишокот девизи на банките.

Имено, на девизниот пазар, движењата беа поволни и се карактеризираа со континуирно повисока понуда на девизи, и покрај зголемената побарувачка на девизи заради исплатата на дивиденди и раздолжувањето на банкарскиот сектор кон странство.

Продолжувањето на позитивните трендови на девизниот пазар и во овој период беше поддржано од зголемената понуда на девизи од корпоративниот сектор, а во иста насока влијаеше и солидната понуда на менувачкиот пазар.

Ваквите движења овозможија натамошен раст на високата девизна ликвидност на банките, а дел од пазарниот вишок на девизи беше насочен и кон НБРМ, којашто во јуни откупи 20 милиони евра од банките поддржувачи. Поволните движења на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на јули, поради што Народна банка дополнително откупи девизи од банките поддржувачи, а збирниот откуп од почетокот на годината достигна 88,5 милиони евра, што е највисок износ од 2007 година наваму.

Во анализираниот период, зголемувањето на ликвидните денарски средства во банкарскиот систем влијаеше за намалена потреба на банките за задолжување на пазарите на пари, каде што каматните стапки остана релативно стабилни. Воедно, по задоволувањето на ниската пазарна побарувачка, банките продолжија да го пласираат вишокот парични средства најмногу во расположливите депозити кај НБРМ.

Во текот на минатиот месец, на меѓународните финансиски пазари беше забележана одбивност кон преземање ризик во периодите на засилување на глобалните трговски тензии и на политички ризици во еврозоната.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...