НБРМ: Внимавајте, непознати лица во име на финансиски институции се обидуваат да извлечат корист од граѓаните

НБРМ, како што соопшти, забележала дека непознати испраќачи лажно се претставуваат во име на меѓународни и домашни финансиски институции, и во име на НБРМ. Пораките, како што утврдила НБРМ, не се испратени од системите на наведените институциите. 

1669

Во изминатиов период, забележана е појава на испраќање електронски пораки до е-адреси на лица од Република Македонија со лажно претставување (англ. email spoofing), соопшти Народната банка (НБРМ). Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни со ваквите пораки и нивната вистинитост да ја проверат во институциите кои се наведени во пораките.

Од НБРМ информираат дека официјаната е-адреса за комуникација со НБРМ е info@nbrm.mk.

НБРМ, како што соопшти, забележала дека непознати испраќачи лажно се претставуваат во име на меѓународни и домашни финансиски институции, и во име на НБРМ. Пораките, како што утврдила НБРМ, не се испратени од системите на наведените институциите.

„Лажното претставување во пораките е во име на некоја институција или организација или, пак, во име на поединец, а со нив испраќачите имаат за цел, повикувајќи се на злоупотребениот/лажниот идентитет, противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени“ велат од НБРМ.

НБРМ апелира граѓаните кои добиле вакви пораки да бидат внимателни и доколку им изгледаат сомнителни да не ја продолжуваат комуникацијата.

„Укажуваме на потребата од внимателно постапување доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете вакви пораки за коишто цените дека се од сомнителен карактер, односно пораки во коишто ви се нуди нешто што не делува остварливо и вистинито и во коишто има претставување во име на финансиска институција, вклучително и во име на НБРМ. Поконкретно, доколку не сте сигурни дека станува збор за порака испратена од легитимна е-адреса на финансиска институција, укажуваме дека е потребно да ја игнорирате таквата порака и да не започнувате комуникација во којашто ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка“ појаснуваат од НБРМ.

Доколку, сепак, мислите дека електронската порака можеби е испратена од финансиска институција, додаваат од НБРМ најдобро е најпрво да се обратите до институцијата, вклучително и до НБРМ, ако некој настапил во име на централната банка.

„Притоа, доколку сакате вашето обраќање да го остварите преку е-пошта, соодветно е да го направите тоа преку нова, а не како одговор на сомнителната е-порака. Официјаната е-адреса за комуникација со НБРМ е: info@nbrm.mk“, наведува НБРМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...