Пред неколку месеци, паламудам јас на Фејсбук нешто за Попова Шапка. За тој огромен и преубав простор, на кој, еден убав ден, мора да никне и најубавиот ски-центар на Балканот. Тропам јас за тоа дека урбаното јадро таму треба да се релоцира, да се обезбедат паркинг места, да се изгради мала акумулација неопходна за скијачките патеки да се покријат со вештачки снег итн. Без таа инфраструктура и без вештачки снег, нема скијање, нема нови хотели, нема туристи, нема пари…
Ми се пуштаат разни „експерти“, љубители, сезнајковци, локалци. Очи ми копаат. Им влегол Геро „во атарот“. Што има ти да се мешаш во „нашата“ Попова Шапка! Ништо ти не разбираш! Не оди таа работа така! Ова не може, она не може… И така, неславно завршува нашата мала и навидум безначајна полемика.
Доброоооо!
Е сега, истите „експерти“ и сите кои сметаат дека Попова Шапка е нивна, а не и моја и наша, а најмногу тие кои се убедени дека ништо веќе не може да се направи (особено не без големи пари), ги повикувам да си го купат утрешното издание на „Слободен печат“ и на средните страници да ја видат репортажата за Јахорина. И да прочитаат како со многу љубов, знаење и со не премногу пари, некогашниот зимски олимписки центар е спасен од пропаст и сега прераснува во престижна зимска дестинација.
Ги повикувам да читаат за 40 километри одлично уредени патеки, за најмодерен систем за производство на вештачки снег (на кој не му се потребни минусни температури), за скијачка сезона од 120 дена, за вештачко езеро од 75.000 метри квадратни, за 1.000 нови паркинг места, за чуда… И секако, за цена од 12 евра за дневен билет за скијање, веројатно најевтина на Балканот.
Внимавајте, зборуваме за Јахорина. Сараево. БиХ. Ски-центарот таму никна пред зимската олимпијада во 1984 година. Меѓу другите, го градеа и младински работни бригади. Во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, кога се скијало на Попова Шапка, на Јахорина, да ми простите, мечки јаделе луѓе. После Олимпијадата, Јахорина почна да пропаѓа (имав прилика да ја видам во распаѓање), за речиси да се дораспадне во војната во деведесеттите. И оп, еве, сега следува процут!
Што ви кажува тоа? Ако се сака и ако се знае, сѐ се може. Сите ски-центри на Балканот се развиваат. Боровец, на пример, туристите годинава ќе ги пречека со нова модерна седешница (со која „хокеарски“ е заменета старата „Мартинови бараки“), инвестиција вредна 6 милиони евра. Будали се Бугарите да фрлаат пари? Не, не се будали, напротив. Парите ќе се вратат и ќе се остварат нови профити.
А ние? Велат дека годинава на Бистра ќе скијаме на вештачки снег. Дај боже, ај да го видиме и тоа чудо. А Попова Шапка? Што со нашиот зимски центар со апсолутно најголем потенцијал? Е таму ќе скијаме во услови од минатиот век. Ако годината не биде многу снежна, сезоната ќе биде кратка и неуспешна. Малкуте сместувачки капацитети ќе работат на работ на опстанокот.
Е тоа е… Таќе туекац!