На Скопје филм фестивал синоќа се одржа премиерата на новиот македонски долгометражен документарен филм „Кобра“, во режија на Игор Иванов – Изи, во продукција на Томи Салковски, „Скопје филм студио“, по сценарио на Игор Иванов, Сашко Насев и Томи Салковски.
Се работи за приказна за борачката легенда Шабан Трстена, единствениот спортист од Македонија што освоил олимписко злато и чијшто успех никогаш не бил признаен од политичарите и општеството.
Салата во киното „Милениум“, беше преполна, дојдоа голем број пријатели, спортски работници, познавачи и почитувачи на ликот на Шабан Трстена. А уште додека траеше проекцијата, се слушнаа аплаузи.
По проекцијата на филмот, освен продуцентот Салковски кој се заблагодари на сите што придонеле за реализацијата на филмот, пред публиката во киното се обрати и самиот Шабан Трстена, непосредно, искрено и трогателно каков што е и самиот филм:
– Почитуваани присутни, мене ќе ми беше многу полесно сега овде да требаше да се борам отколку да зборувам пред вас. Ви благодарам на сите што дојдовте, за мене ова е голем настан – рече тој.
– Видете, јас од државата не сум добил ништо, но не се жалам. Јас сум многу богат човек. Ги имам сите мои пријатели кои ме почитуваат. И секогаш кога одам некаде низ државата ме среќааваат луѓе кои ме застануваат и ми викаат Шабан шампионе, ми изразуваат почит – рече Трстена на премиерата на филмот.
Во филмот „Кобра“ се појавуваат и Зоран Михајлов, борачки експерт, Насе Насев, поранешен селектор на борачката репрезентација, Ајруш Синани, тренер, Милош Вучидолов, доктор, Васил Тупурковски, поранешен претседател на МОК, Зоран Шоров, борач од Македонија, Ванчо Чифлиганец, поранешен претседател на ФБСМ, Назми Али – БК „Тефејуз“, Анатолиј Белоглазов, борач од Русија, Ахмет Ак, борач од Турција, Ферид Мухиќ, филозоф, Агим Касаполи и Антон Серечи, спортски новинари и членови на семејството Трстена.
На програмата на фестивалот, синоќа, во киното „Фросина“ беше прикажан турскиот филм „Тексас холдем“, кој е приказна за четворица другари што се собрани да играат покер, но надвор на улиците на Истанбул се случуват протести. По проекцијата, екипата на филмот: Мајкл Ондер, режисер, Јозеф Амадо, продуцент и актерите Дамла Сонмез, Берк Хакман, Емре Јетим и Незих Чихан одговараа на прашањата на публиката.
– Кога ја почнавме подготовката на филмот, пред две години, настаните од Гези паркот, беа се уште многу свежи, никој не помислуваше да направи филм за тоа“ – рече режисерот Ондер.
Тој кажа дека не се соочиле со директна цензура на филмот. – Никој не ни се јави да ни каже да исечеме некоја сцена или зборови, но вистинската цензура се случува кога барате фондови за снимање на филм, додаде Ондер.
Тој рече дека во филмот сакал да прикаже различни ставови кон учеството во протестите, како и неколку други актуелни прашања во турското општество.
Вечерва по проекцијата на францускиот филм „Ава“ (19 часот, кино Фросина) ќе се одржи разговор со публиката на режисерката Леа Мисуис.