Македонската економија во првите неколку месеци од годинава бележи зголемување на вкупниот извоз на пазарот во Русија за 41 отсто, од кои само кај земјоделските и прехранбените производи растот изнесува 90 отсто за месец јануари, споредено со истиот месец минатата година.
Ова беше истакнато на денешната свеченост по повод одбележувањето 14 години Македонско-руска стопанска комора тематски посветена на иднината на економските односи со Руската Федерација.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во своето обраќање истакна дека Руската Федерација е значаен трговски партнер на нашата земја и оти напорите на Владата се во насока на натамошно интензивирање на економската и секоја друга соработка.
Според него, извозот на македонските земјоделски производи на рускиот пазар се одвива непречено, не постои застој при влез во Руската Федерација на македонски камиони, а извозот на нашите производи бележи континуиран пораст во изминатите неколку години.
– Интензивирањето на економската и секаква друга соработка ќе биде централна тема и на идниот состанок на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско, економска и научно-техничка соработка кој оваа година во Скопје ќе се обнови по петгодишна пауза – рече Николовски.
Рускиот амбасадор Сергеј Александрович Баздникин изрази благодарност за поддршката за продолжување на дијалогот на заедничката Меѓувладина руско-македонска комисија за соработка со надеж дека ќе доведе до продлабочување на економските врски и интензивирање на трговијата и на инвестициските проекти.
Тој подвлече дека практични резултати од заедничките напори на двете страни е токму зголемувањето на извозот на македонски производи на рускиот пазар во 2019 година за 41 отсто, а, додаде, потпишани се и нови договори за извоз на македонски вина и на свежо овошје и зеленчук на пазарот на Руската Федерација.
Баздникин најави дека наскоро земјата ќе ја посетат претставници од руското Росељхознадзор за да ги решат некои од проблемите поврзани со привремена забрана за некои видови македонско овошје во Русија.
– Резултатите од работата на Македонско-руската стопанска комора се евидентни. Сепак, не треба да останеме таму каде што сме. Се уште имаме значителен нереализиран потенцијал за соработка. Ние сме подготвени да соработуваме толку поинтензивно колку што сакате – рече Баздникин.
Од Македонско-руската стопанска комора истакнаа дека еден од најзначајните проекти кои го спроведуваат со цел интензивирање на економската соработка меѓу двете земји и создавање поволна клима за соработка со руски бизнис партнери е трговско изложбениот простор „Македонски дом“ отворен во Москва пред точно две години на просторот на најголемиот земјоделски кластер „Фуд сити“. Проектот, кој е финансиски поддржан од државата, е насочен кон значен маркетинг и директно зголемување на продажбата на производи од македонското стопанство на големиот руски пазар, но и за пазарите на други земји од Евроазиската унија.
– Според информациите добиени од стопанствениците, а гледајќи ја вкупната статистика станува јасно дека и во иднина мораме да се потрудиме во намалувањето на големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на производителите на земјоделски производи – рече претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Ѓорги Дика.
Македонско-руската стопанска комора е формирана на 25 март 2005 година од неколку македонски компании кои извезуваат на рускиот пазар, а денеска е деловна асоцијација која брои над 150 членки.