На Манчевски тешко му оди вртењето на кормилото на „крстосувачот- администрација“

Лесно е да се заврти брод кој е празен, ама што ќе ни е таков брод. Со други зборови, не треба да предизвикаме квалитетните луѓе да скокнат од бродот, односно да ја напуштаат администрацијата, вели Манчевски.

623

Сликовито ја гледам администрацијата како голем, масовен, гломазен брод-крстосувач, кој плови во еден правец, во немирно море, долго време, изјави министерот Манчевски на промоцијата на истражувањето „Анализа на именуваните и избраните лица. Извештај од следење: Колкав и каков јавен сектор имаме во Македонија“.

– Денес ние се обидуваме да го свртиме овој крстосувач. Тоа оди тешко и бавно, ама и треба и многу сила и волја. Треба и поддршка од сите кои се на бродот. Лесно е да се заврти брод кој е празен, ама што ќе ни е таков брод. Со други зборови, не треба да предизвикаме квалитетните луѓе да скокнат од бродот, односно да ја напуштаат администрацијата -рече Манчевски.

Според него, за да се адресираат проблемите и наодите во оваа анализа, потребно е дополнително да се направи анализа на законската регулатива.

Манчевски рече и дека паралелно со овие истражувања и анализи, Министерството  работи и на функционална анализа на јавниот сектор.

– Првиот чекор е хоризонталната функционална анализа, чија прва предлог верзија е веќе готова. Таа ќе покаже кои институции и каде се препоклопуваат со своите надлежости. Таа исто така ќе покаже и кои институции би можеле да се спојат или пак можеби и да се формираат нови рече Манчевски.

Една од главните забелешки на ЕУ кога работиме бројни стратешки документи со нив е дека во државата нема основни анализи, немаме појдовни податоци.

-Нема правила, нема пропишана законска процедура кој е надлежен да формира некоја институција – рече  Манчевски.

На настанот се обратија и амбасадорот на Обединетото кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет и државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...