На малезиска плажа пронајдени изгладнети жени и деца, припадници на Рохинџи

193

Повеќе од 30 жени и деца, припадници на муслиманското национално малцинство Рохинџи од Мјанмар денеска се пронајдени на плажа во северниот дел на Малезија. Се верува дека таму ги оставиле криумчарите со луѓе.

Полициски претставник од малезискиот град Кангар изјави дека локалното население пронашло 34 луѓе, вклучувајќи девет деца, во многу лоша состојба. Тие биле прегладнети и прекриени со кал.

Групата, за која се верува дека дошла од Тајланд им била предадена на мигрантските власти откако добиле соодветна помош и храна. Центарот за социјална заштита во Мјанмар соопшти дека најверојатно групата е префрлена на Тајланд од Бангладеш, а потоа биле пренесени во Малезија.

Повеќе од 700 илјади припадници на Рохинџите пребегнаа од Мјанмар во Бангладеш од август 2017 година, кога група екстремисти ги нападна безбедносните сили, по што следуваше голема одмазничка акција на мјанмарската војска. Мнозинството од населението на претежно будистичкиот Мјанмар не ги прифаќа Рохинџите муслимани како автохтона етничка група, туку ги сметаат за илегални бегалци од Бангладеш. Иако Рохинците со генерации живеат во Мјанмар, од 1982 година не можат да добијат државјанство на таа земја, а оневозможен им е пристап и до образование и лекување.

Генералното собрание на ОН во декември усвои Резолуција со која се осудуваат грубите кршења на човековите права и злоупотребата на Рохинџите во Мјанмар. Владата на Мјанмар ја отфрли Резолуцијата како пристрасна и негира дека е вршен геноцид и етничко чистење.

Од друга страна, Бангладеш вчера му порача на Советот за безбедност на ОН дека повеќе не може да прифаќа бегалци од Мјанмар. Бангладешкиот секретар за надворешни работи Шахидул Хак го обвини Мјанмар за „празни ветувања и разни опструкции“ за време на преговорите за враќањето на Рохинџите во мјанмарската држава Ракин.

Властите на Мјанмар тврдат дека се подготвени да ги прифатат повратниците, но ОН велат дека условите се уште не го дозволуваат тоа.

Рохинџите пред да се вратат бараат гаранции за безбедност и признавање на нивните граѓански права. Претставниците на западните земји во СБ на ОН изразија жалење поради недоволното дејствување на мјанмарските власти.

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте во вторникот им понуди филипинско државјанство на бегалците Рохинџи и ја повтори подготвеноста да ги прифати во земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...