По четириесет години, на чешкиот писател од светско значење Милан Кундера, му е вратено чешкото државјанство. На Кундера државјанството му е вратено на 28 ноември во неговиот стан во Париз, каде што живее од 1975 година. Чешкиот амбасадор во Франција Петр Друлик, изјави дека тоа била граѓанска церемонија, без знаме и химна и дека Кундера бил задоволен. Амбасадорот изрази надеж дека Кундера ќе го преиспита својот став за забрана на објавување на неговите дела на чешки јазик.
Како што е познато, потсетува денес прашкиот дневник „Право“, комунистичките власти го лишија Кундера од чешко државјанство кон крајот на седумдесетите години на минатиот век, а од 1981 година славниот писател има француско државјанство.
Од ноември 1989 година Кундера неколку пати инкогнито ја посетувал Чешка. Минатата година чешкиот премиер Андреј Бабиш го посети Кундера во Париз и му понуди враќање на државјанството, што деновиве е и сторено.
Кундера е преведуван на многу јазици насекаде во светот, а тој е познат и по тоа што упорно не се појавува пред јавноста и не потпишува автограми на своите книги.
Фото/EPA