Сите лица, на кои им се објавени податоците, се клиенти на московскиот интернет провајдер „Акадо Телеком”, компанија во сопственост на милијардерот Виктор Векселберг.
Компанијата соопшти дека истрагата е во тек.
По увидот во објавените информации, препознаен е телефонски број на висок претставник на руската Влада, потоа на познат режисер, како и роднина на еден од најистакнатите бизнисмени.
– Сите податоци се објавени во базата на податоци на Регионалниот интернет регистар за Европа, Блискиот Исток и делови од Централна Азија – изјави ИТ специјалистот Владислав Здолников.
– „Акадо Телеком” е одговорен за податоците што ги објавува во базата на податоци на Интернет регистарот – вели Алексеј Семењак, директор на Регионалниот интернет регистар.
Тој потврди дека „Акадо Телеком” навистина ги објавил личните податоци на своите клиенти во таа база на податоци и оти до нив може слободно да се пристапи.
Во Русија е нелегално објавување на лични податоци од 2006 година, а пропишана е и парична казна од 50.000 рубли, односно 756 американски долари.