На е-платформата на Централен регистар ќе се врши регистрација за ДДВ-обврзник

Внесувањето на податоците за доброволна регистрација за ДДВ цели, Централниот регистар ќе го врши електронски, преку поврзување на своите регистри со базите на податоци на УЈП, при што УЈП ќе го доставува бројот на ДДВ во рок од 90 минути од доставувањето на податоците од страна на Централниот регистар.

231

Од годинава, со нова електронска платформа при регистрирање на фирма во Централниот регистар ќе може да се изврши и доброволна регистрација за ДДВ обврзник. Ова денеска го најави министерката за финансии Нина Ангеловска на одбележувањето на 18-годишнината на Централниот регистар. Посочи дека ова ќе биде големо олеснување за фирмите бидејќи преку е-платформата ќе можат да се завршат сите формалности за започнување бизнис.

– Преку електронската платформа на Централниот регистар ќе може да се регистрира фирма, да се регистрира вработувањето на првите вработени во Агенцијата за вработување и да се изврши регистрација за ДДВ обврзник – односно скоро се што е потребно за формално започнување бизнис. Како човек кој доаѓа од реалниот сектор, можам да кажам дека ова е исклучително олеснување за оние кои започнуваат бизнис – рече Ангеловска.

Внесувањето на податоците за доброволна регистрација за ДДВ цели, како што рече, Централниот регистар ќе го врши електронски, преку поврзување на своите регистри со базите на податоци на УЈП, при што УЈП ќе го доставува бројот на ДДВ во рок од 90 минути од доставувањето на податоците од страна на Централниот регистар. Целокупната документација потребна за регистрирање на фирма се поднесува во електронска форма, потпишана со електронски потпис од овластени лица.

Таа посочи дека способноста на Централниот регистар да одговори на задачата е од исклучително значење бидејќи игра значајна улога во создавањето на подобра бизнис клима и олеснување на животот на претприемачите и бизнисите.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски  рече дека Централниот регистар е лидер во дигитализацијата.

– Во моментов uslugi.gov.mk е наменет само за граѓани. За нешто повеќе од еден месец од лансирањето на порталот, осум илјади граѓани ги користат 128-те електронски услуги. За нив чекањето по шалтери и во долги редови веќе е минато. Бројот на регистрирани корисници и бројот на услуги постојано расте, а следна фаза од развојот на овој портал е тој да биде наменет и за бизниси и тука главна улога ќе има Централниот регистар како единствен регистар на правни лица во државата – рече Манчевски.

Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска – Јанковски рече дека Централниот регистар во наредниот период ќе продолжи во остварување на своите цели кои, како што рече, се ставени во функција на подобрување на деловната клима и промоција на нашето стопанство во регионот и пошироко.

Централниот регистар им доделени плакети за успешна соработа на Министерството за финансии, МИОА, УЈП, Адвокатската комора на Македонија, Комората на сметководители, Нотарската комора на Македонија, ГИЗ…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...