„Најубавиот подарок за Божик“ – прва божикна претстава во нашата земја

81

Најмладите жители на Скопје имаа можност да научат нешто повеќе за празникот Рождество Христово преку драмската изведба на приказната „Најубавиот подарок за Божик“ од авторот Воскресија Бадниковска, објави Бигорскиот манастир.

Зад овој проект, како што се наведува, стоеше и навистина многу се потруди продуцентската куќа „Аурипигмент“, а во реализацијата зедоа учество и популарните млади актери од филмската школа „Тинтири Минтири“.

Ова е прво драмско дело од ваков вид со учество на толку многу деца – актери, но и општо земено прва божикна претстава во нашата земја, која беше поставена во Театарот Комедија. Во претставата учествуваат и актерите Дејан Лилиќ и Марина Поп Панкова.

 

-Нивниот магичен настап и неверојатна харизма на сцената успешно ја внесоа публиката во убавината на божикниот настан и ја поттикнаа активно да се заинтересира за пораките кои произлегуваа од содржината на драмата. Вешто составените дијалози преку кои, освен божикниот настан се третираа и актуелни теми, добро ја исполнија својата улога и на децата им пренесоа вистинско празнично расположение и чувство за поголема другарска солидарност, љубов и добрина, а не пропуштија и слатко да ги насмеат со комичните ноти кои провејуваа во драмата, стои во објавата на манастирот.

Освен споменатите, не помал удел за успехот и масовната посетеност на ова драмско дело, имаше и режисерот Кузман Кузмановски, драматуршкиот соработник Билјана Крајчевска, музичкиот соработник Владимир Димовски, популарните пејачи Влатко Лозановски – Лозано и Димитар Андоновски, како и водителот од ТВ Канал 5 Ване Маркоски.

Од Бигорскиот манастир изразуваат надеж дека претставите од ваков едукативен вид ќе станат постојана практика, особено спроти значајните христијански празници и настани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...