Најмалку 95 новинари го загубија животот на задача лани

МФН смета дека нетолеранцијата за известувањата, популизмот, криминалот и корупцијата се фактори кои придонесуваат за атмосферата во која се случува повеќе новинари да се убиени при известување во своите градови отколку во воените зони.

40

Најмалку 95 новинари настрадале вршејќи ја својата работа во текот на 2018 година, соопшти Меѓународната федерација на новинари (МФН), по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.

Најголем број загинати новинари е забележан во 2006 година, кога настрадаа 155 припадници на седмата сила.

Вниманието на светската јавност минатата година го привлече убиството на саудискиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ Џамали Кашоги.

Тој беше убиен на 2 октомври 2018 година во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, што предизвика дипломатска криза во односите меѓу Анкара и Ријад.

Новинарката Лајра Меки беше убиена минатиот месец додека известуваше за протестите во Северна Ирска. Паравоена формација во таа земја ја презеде одговорноста за нејзината смрт.

Авганистан минатата година беше најопасната локација за новинарите – загинаа 16 репортери.

Во еден од нападите во главниот град Кабул, загинаа девет новинари, кои дојдоа на местото на настанот да известуваат за бомбашкиот напад. Кратко време по нивното пристигнување, бомбаш-самоубиец, преправен како новинар, активираше нова бомба.

Во САД, пет новинари беа убиени во нападот врз „Капитал газета” во Мериленд.

МФН смета дека нетолеранцијата за известувањата, популизмот, криминалот и корупцијата се фактори кои придонесуваат за атмосферата во која се случува повеќе новинари да се убиени при известување во своите градови отколку во воените зони.

Американскиот комитет за заштита на новинарите објави информации за уапсени новинари, а на прво место е Турција со 68 притворени новинари во 2018 година.

Во Кина в затвор се наоѓаат 47 новинари, во Египет 25, а во Саудиска Арабија и Еритреја по 16.

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите оваа година, Обединетите нации сакаат да испратат порака за важноста на слободата на медиумите за демократијата, особено за време на избори.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш порача дека ниту една демократија не е целосна без пристап до транспарентни и веродостојни информации.

Кортни Раш од Комитетот за заштита на новинарите посочи дека реториката против новинарите станала епидемична во многу земји, особено на Филипините и САД.

Таа верува дека интернетот и социјалните мрежи создадоа нови проблеми со кои треба да се справат новинарите.

„Репортери без граници“ во извештајот за слобода на медиумите, ја опиша ситуацијата со која се соочуваат новинарите во САД како „проблематична“.

– Американските новинари никогаш не биле изложени на толку многу смртни закани, ниту, пак, толку често барале услуги на приватни компании за обезбедување, се наведува во извештајот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...