Најмалку триста компании ќе бараат грантови за комерцијализација на иновации

201

Триста компании веќе подигнале апликациски формулар за тековниот повик за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, инструмент на Фондот за иновации и технолошки развој преку кој се на располагање пет милиони евра. Тоа, според директорот на ФИТР Јован Деспотовски, го покажува интересот на компаниите за инструментот  и нивната доверба за процесот што се спроведува.

Условите за добивање на финансиите со повикот, објавен на крајот на минатиот месец и ќе биде отворен до 15 мај, денеска беа претставени пред стопанските  комори во државава  кои воедно слушнаа искуства на компании корисници на средства од претходниот повик на ФИТР.

Со вториот повик во рамки на владиниот План за економски раст, Владата обезбедува до 70 проценти кофинасирање на микро и мали фирми, односно до 60 проценти за средни компании, максимум до износ од 20 милиони денари.

Се очекуваат инвестици  од приватниот сектор за истражување и развој,  заштита на интелектуалната сопственост, дизајн  на продукти, развој на  пилот линии, активности за обезбедување квалитет, маркетинг и продажба… Воспоставени се, тврди Деспотовски, механизми за контрола  и во тек на  одобрување на финансиите пред потпишување на договорите и  при  реализација на проектите.

Новина во однос на претходниот повик, е воведувањето на т.н ројалти принцип. При успешна реализација на проектот откако компанијата ќе го заврши и почнува да генерира приход за услугата односно производот за кој е кофинансирана, има обврска во ФИТР да плаќа пет проценти од годишниот приход,  со ограничување до 120 проценти од вкупната инвестиција од Фондот.

– Веруваме дека компаниите ќе реализираат успешни проекти кои ќе генерираат висока додадена вредност, има пазарна логика, а има логока и од искуствата во САД, дел од западноевропските држави, израелските искуства, каде што инвестицискиот фонд без разлика на изворот на финансирање има можност да се рефинансира преку учество во успехот на проекти. Како што сме партнер во реализација на самата инвестиција на проектот треба да бидеме партнер и во делењето на резултатите од успехот – рече Деспотовски.

Тој информираше дека 18 од 35 финансирани проекти во изминатиот период се завршени, генерираат  приход и по основ на ројалити исплатиле 10-ина проценти од вредноста на добиените средства.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги охрабри компаниите да учествуваат на повикот во што поголем број со што би се избрале најквалитетните проекти.

– Ова се средства со кои треба да им помогнеме на малите, микро и средни претпоријатија да ја обноват својата технологија, да купат нови машини, да ја подигнат продуктивноста и на тој начин да станат поконкурентни, да ги подигнат капацитетите за да можат да соработуваат со останатите компании односно да бидат извозно ориентирани – рече Анѓушев.

Како што појасни, селекцијата на проектите ќе се се врши на две нивоа, првин од 22 домашни експерти од 22 области во економијата, по што  петмина странски експерти одобрени од Светска банка прават конечна селекција согласно утврдените критериуми.  Механизмот на доделување на средствата ја следи инвестицијата, односно само доколку носителите  го реализираат најавениот проект и ги инвестираат своите средства, при што се врши надворешна ревизија.

– И покрај вознемирувањата во јавноста околу овој проект, тој е еден од  со најдобри резултати и максимално транспарентен и во делот на одлучувањето, но и во делот на следењето – потенцираше Анѓушев.

Компаниите корисници на финансии со претходниот повик оценија  дека добиле поддршка за забрзување на планирани проекти и создавање производи со додадена вредност.

– Со набавка на нова опрема успеавме да постигнеме оптимизација на производството, ги намаливме трошоците, а на пазарот понудивме висококвалитетен и конкурентен производ – рече Марија Стојановска, директор за човечки ресурси во домашната компанија „Виталија“.

Со минатогодишната програма за технолошки развој  и иновации преку владиниот План за економски раст се поддржани проекти во вредност од 28,3  милиони евра во кои учеството на државата изнесува 16,2 милиона евра, а останатите се на приватниот сектор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...