Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворен 16-от Меѓународен салон на стрип што го организира Стрип центарот на Македонија – Велес со финансиска подршка на Министерството за култура и Општина Велес.
Најпрво се додели годишното признание за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“ на Игор Стевковски Стевац–автор на популарниот стрип кој повеќе години се издава на страниците на неделникот ФОКУС.
Во изјавата за МИА добитникот Игор Стевковски Стевац потенцира дека е почестен што го добива ова високо признание со името на познатиот прерано починат стрип автор Љупчо Филипов и искажа голема благодарност до организаторите.
– Треба да истакнам дека многу е важен стрип салонот во Велес бидејќи преку него се афирмира стрипот како ликовна уметност. Среќен сум што гледам тука многу млади и талентирани автори-добри цртачи со кои оваа уметност ќе продолжи да се развива понатаму. Мислам дека Р. Македонија има доста и сценаристи и илустратори меѓутоа се уште недоволно е афирмиран стрипот и треба финансиски да се поддржува оваа уметност кај нас која е многу позната во соседните земји и во светот, појасни Стевковски-Стевац.
Потоа беа доделени и наградите и признанијата по распишаниот меѓународен стрип конкурс.
Добитник на првото место наградата Злетен стрип“ за стрипот „Влезот во харем“ на двоецот Алекса Гајиќ и Марко Стојановиќ од соседна Србија.
Во отсуство на познатиот белградски стрип цртач Алекса Гајиќ наградата сам ја прими сценаристот Марко Стојановиќ раководител на Лесковачката школа на стрип, којашто и оваа година традиционално испрати голем број на стрипови по објавениот конкурс на интернационално ниво.
Во изјавата за МИА сценаристот Марко Стојановиќ, истакна дека му е голема чест што на овој стрип салон во Велес третпат добива гран при наградата.
– Тоа што третпат ја добивам оваа висока награда е уште поголем успех за мене, бидејќи кога наградата првпат ќе успеете да ја добиете тоа е голема работа, но кога тоа ќе го повторите третпат значи дека нешто навистина добро сте направиле. Тоа е една потврда дека тоа што го работиме заедно јас и Алекса е одлично и затоа донесува и резултати, потенцира Стојановиќ.
Тој оценува дека овој стрип салон во Велес е многу значаен и бидејќи е единствен во земјата. Оваа награда која е интернационална според него е и уште повеќе значајна бидејќи на конкурсот со свои стрип дела се пријавиле 184 учесници од 24 земји во светот.
Втора награда беше доделена во нивно отсуство на Владимир Кузманов Македонец кој работи и живее во САД и сценаристот Владимир Попов од Србија. Третото место му припадна на Фернандо Соса од Аргентина.
Беше доделена и наградата за уметнички израз на Душан Гачиќ, наградата за најдобро сценарио на Предраг Ѓуриќ од Србија. Награда од СЦМ-Велес „Кентаур“ на Дражен Бркиќ од Хрватска и „Експеримент“ на Катлин Краловец од САД.
Беше доделена и награда за највозрасен учесник на 84-годишниот Богдан Николиќ од Скопје за неговиот стрип „Колку се вредни старите луѓе“.
Најдобар стрип автор до 14 години на Јана Бутеска од Скопје за нејзиниот стрип „Мојот сон“ кој го изработи на Стрип работилницата одржана во август во Велес.
Во изјавата за МИА, потенцира дека како млад стрип цртач е многу среќна што ја прими наградата. Таа се запишала во ССУ „Лазар Личеноски“ во Скопје каде е прва година и учи на отсек сликарство и нејзин сон е еден ден да стане познат уметник.
Наградата најдобар стрип автор до 18 години за стрипот „Збогум“ ја доби Мина Гајтановиќ од Нови Пазар Србија и наградата за најмал учесник седумгодишната Ива Цветковиќ од Лесковац Србија.