На штандот на издавачката куќа „Просветно дело“ во рамките на претстојниот „Саем на книгата“ ќе гостуваат најактуелни писатели чии книги се регионални бестселери. Станува збор за Марко Видојковиќ, Славица Скваер, Исидора Бјелица и Јована Хисмајер.
Саемските активности во „Просветно дело“ стартуваа со интерен „Саем на книгата“ во оваа издавачка куќа со попусти до 80 отсто. На официјалните промоции во Арената „Борис Трајковски“ им претходи гостувањето на Славица Скваер, првиот НЛП тренер во Србија и автор на една од најпродаваните книги „Најголемата одмазда од сите е среќата“.
Скваер на 25 април во хотелот „Бест Вестерн“ ќе одржи работилница на тема „среќа“, на која, освен што ќе биде промовирано македонското издание на нејзината книга, ќе биде претставен нејзиниот метод со кој ги инспирира луѓето да станат најдобрата верзија од себеси и да живеат среќни, успешни и опкружени со љубов.
На 3 мај во 11 часот на штандот на „Просветно дело“ ќе се случува промоција на „Скокни, прескони“ на Васил Мукаетов – добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца за 2017 година.
За 5 мај во 13 часот е планирана промоција на македонското издание на регионалниот бестселер „Е, баш ви фала!“ на Марко Видојковиќ. Неговиот последен роман е преведен на хрватски и словенечки и е продаден во тираж од околу 30.000 примероци. Посетителите на Саемот ќе имаат можност да добијат потпишан примерок од авторот на романот кој повторно ќе ја обедини Југославија. Во паралелниот универзум на урнебесното, забавното, а сепак и сосем сериозното во романот на Видојковиќ, Југославија никогаш не се распаднала, сите сме богати, здрави и потентни самоуправувачи и баш добро ни оди, а со космичката грешка воскреснатите усташи и четници на крајот, секако, ќе добијат по носот.
Книгата „Бдеењето на Одисеј“ – последното од перото на Драги Михајловски – ќе биде промовирана на 7 мај во 13 часот. Станува збор за патување во просторот на сеќавањето и реконструкција на неговиот микроуниверзум со помош на личната и колективната меморија врзана за топосот Битола и Битолско. Во таа смисла, кажувањето е структурирано како автобиографско кажување за периодот на детството и доживелиците што го чинат, но истовремено е и хроника на идеолошкиот универзум на времето во првите децении на македонското опстојување во СФРЈ.
Последното од Исидора Бјелица во соработка со тренерот за личен развој Јована Хисмајер – романот „Помагајте, пријателки“ – ќе биде промовирано на 9 мај во 13 часот. Оваа книга е интересно четиво за тешките прашања, сериозен учебник за работата на себеси, со шапка, смеа и задолжителниот ерл греј. Освен тоа, ја претставува нивната револуционерна дуална терапија за која посетителите на штандот на “Просветно дело“ ќе дознаат лично од авторките. Освен тоа, ќе биде претставено и македонското издание на романот „Последниот христијанин“ од Бјелица.