Најавен како милионски, бизнисот со канабис за две години не заработи ни денар

Ниту една од компаниите досега нема добиено европски сертификати за одгледување и производство на медицински канабис и покрај тоа што ја имаат македонската лиценца.

7613

Полни магацини со цвет и медицинско масло од канабис кое не може да се продаде ниту на домашниот, ниту на странскиот пазар е резултатот од двегодишното работење на дел од 23-те компании кои се занимаваат со одгледување на медицински канабис и производство на медицинско масло во земјава.

Причината за ваквата состојба е тоа што ниту една од компаниите досега нема добиено европски сертификати за одгледување и производство на медицински канабис и покрај тоа што ја имаат македонската лиценца.

– За извоз на нашите производи цвет од канабис и медицинско масло од канабис потребно е да ги исполнуваме европските критериуми и да ги добиеме тамошните сертификати и лиценци. Дополнително треба да ја поседуваме и македонската лиценца која се дава на период од три години – вели Божидар Кошча од компанијата „Оаза алкалоиди“ од Штип, која е најблиску до исполнување на европските стандарди.

Тој појаснува дека немаат пласман на производите ниту на домашниот пазар бидејќи првиот оглас за откуп на цвет и масло од канабис е со европски критериуми и стандарди.

– Што значи ние треба да ги исполнуваме истите стандарди како и за извоз на производите. Производството сега ни стои во магацините, губи од квалитетот, а е доволно да го покрие домашниот откупувач за период од 10 години – вели тој.

Инвестицијата во овој бизнис, тврдат производителите, се движи од 8 милиони евра нагоре, а само една посета не европски инспектор за контрола на производството чини 20 до 30 илјади евра.

Здружението на одгледувачи на медицински канабис Макканабис забележува дека и Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци има одредени недостатоци кои треба да се отстранат. Забележуваат и на предложените измени на законот од страна на Министерството за здравство.

– Предлагаме да се ревидира предложената банкарска гаранција од 100 милиони евра, да се либерализираат критериумите за вработување на кадар кој е скуден на пазарот, да се поедностави стандардот, но и постриктно да се дефинираат поимите со кои се регулира производството за да нема различно толкување и недоразбирања во примената. Исто така, потребно е да се утврдат и критериуми според кои лекарите ќе го даваат на рецепт медицинскиот цвет и масло од канабис – вели претседателот на Здружението, Константин Дуковски.

Тој вели дека е подобро да се донесе посебен закон кој ќе го регулира секторот.
Производителите се задоволни што во земјава има либерален закон кој не го ограничува процентот на учество на психотропната супстанца во производот и го поздравуваат размислувањето да се одобри и производство на рекреативен канабис што ќе влијае на извозот и на овој производ.

– Овој канабис според стандардите не треба да има психосоматско дејство, а го користи одредена категорија болни – појаснуваат тие.

Здружението предлага да се зајакне контролата на производителите и предлагаат да се формира Агенција за контрола на работата за да се обезбеди да нема изигрување на критериумите за работа и пласман на производите.

Производителите најавија дека ќе формираат Истражувачки институт во кој ќе бидат вклучени експерти кои ќе работат на тоа како нивните производи влијаат на лечењето на одредени болести.

Бизнисот со медицински канабис во земјава беше најавен како милионски. Премиерот Зоран Заев на неколку средби со бизнисмените во Стопанската комора ги повика бизнисмените да вложуваат во овој бизнис бидејќи тој моментално вреди 100 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...