НАТО со одговор до Трамп: Нападот врз една членка е напад врз Алијансата

- Клаузулата на колективна одбрана на НАТО, член 5 (од Повелбата) е безусловна и е како од армиран бетон - истакна претставникот на Алијансата.

202

Неименуван висок претставник на НАТО ги потсети САД дека имаат обврска да го почитуваат принципот на взаемна одбрана во случај на агерсија врз една од земјите членки на Алијансата.

Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изрази сомнежи за Црна Гора.

– Клаузулата на колективна одбрана на НАТО, член 5 (од Повелбата) е безусловна и е како од армиран бетон. Тоа значи дека напад на една наша членка претставува напад врз сите нас – истакна претставникот на Алијансата.

Тој додаде дека Трамп на неодамнешниот Самит на НАТО во Брисел изјави дека САД во целост се посветени на обврските на Алијансата и оти сојузот е цврст.

Трамп во изјава за „Фокс њуз“ во вторникот ја стави под знак прашалник взаемната одбрана на земјите членки доколку една од нив биде нападната. Тој изјави дека „Црна Гора е многу мала земја со многу силни и агресивни луѓе“, чија агресивност би можела да предизвика трета светска војна.

Црна Гора во пролетта 2017 година стана 29 земја членка на НАТО.

Владата на Црна Гора реагирајќи на изјавата на Трамп вчера соопшти дека е горда на својата традиција и мирновременска политика и оти земјата придонесува за мирот и стабилноста во Европа и во целиот свет.

Тоа не е прв гаф на Трамп кон Црна Гора. Американскиот претседател на својот прв самит на НАТО во мај 2017 година го истурка црногорскиот премиер Душко Марковиќ, за да застане во првиот ред пред камерите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...