Настани кои ја одбележаа 2018 година

111
ФОТО: EPA / ANDY RAIN

Хина – Загреб

Историското приближување до Северна Кореја, трговската војна со Кина, раскинувањето на нуклеарниот договор со Иран, најавеното повлекување на војската од кризните жаришта, хаос во Белата куќа, оставки на министри стратези и советници, кавги со држaвници, адвокати и новинари го направија Доналд Трамп, американски пrетседател и најпознат твитерџија, личност чии чекори почесто се нагли отколку промислени, па тој и оваа година доминираше на глобалната сцена.

Беше тоа година во која Европа и Британија не дознаа како ќе изгледа Брегзит, во која популистите ја освоија власта во Италија и Бразил, а горештините и пожарите ја спржија Земјата.

Аферата Скрипал, обидот за труење на рускиот шпион на тлото на Велика Британија ја одбележа пролета, а монструозното убиство на новинар во саудискиот Конзулат во Истанбул – есента.

Летото ја донесе историската средба на комунистичкиот лидер Ким Џонг-ун  со Трамп, трговската војна со Кина и тешкото спасување на 12 момчиња и нивниот тренер од поплавена пештера на Тајланд, приказна која без здив ја следеше целиот свет.

Во февруари Европа ја погоди студен бран од Сибир, а летото ја притиснаа рекордни горештини. Пожари ги погодија Пуртугалија и Грција, во кои загинаа повеќе од 90 лица. Во текот на есента невидени шумски пожари ја погодија американската сојузна држава Калифорнија, а гратчето Парадајз го претворија во пепел.

Последните месеци од годината беа во знакот на конгресните избори на половина мандат кои го урамнотежија Парламентот со победата на демократите во Претставничкиот Дом, но и јакнење на републиканското мнозинство во Сенатот. Крајот на кампањата ќе се помни по најтешкиот антисемитски напад во САД со 11 мртви во синагога во Питсбург и испраќање пакети – бомби на политичари од редовите на Демократската партија.

Крајот на годината измина во подготовки за првиот светски договор за миграции, проследен со полемики и бојкот на повеќе земји кои стравуваат дека ќе ги принуди да прифатат мигранти. Договорот беше усвоен на 19 декември во Генералното Собрание на ОН.

Ватикан годинава поодлучно влезе во пресметка со свештениците педофили, разрешувајќи ги и, во име на црквата, барајќи прошка од жртвите. Цела 2018 беше година на освестување на светот за сексуалните злосторства на сите нивоа, по јакнењето на движењето #MeToo во годината претходно

Американската политика свртрена наопаку

Дека 45-от американски претседател излегува од габаритот од своите претходници стана јасно уште од првите денови во Белгата куќа, а во втората година од мандатот продолжи на истиот начин.

До неодамна незамисливото ракување на американски претседател и севернокорејскиот диктатор се случи на 12 јуни во Сингапур. Иако само една година претходно го нарекуваше со погрдни имиња и му се закануваше, тој ден Трамп не штедеше пофални зборови за Ким Џонг-ун.  Резултатот од состанокот беше општа декларација за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров во замена за безбедносни гаранции за Северна Кореја. Трамп по состанокот беше изложен на критики дека Севернокореецот го „измамил“, но иако на полето на денуклеаризацијата оттогаш не е направено речиси ништо, останува фактот дека Ким „мирува“.

Одлуката за повлекување од нуклеарниот договор со Иран, Трамп ја спроведе во дело на 8 мај со цел, како што рече, да го спречи Техеран да дојде до атомско оружје. По серија економски санкции, на 5 ноември воведе мерки со кои се изолира нафтениот и финансискиот сектор на Исламската република. На остатокот од светот му понуди избор: или ние или Иран. Останатите потписнички на меѓународниот договор од 2015 година,  најмногу ЕУ, ги стави на мака како да ги заобиколат санкциите со кои САД се заканува на сите кои што ќе се осмелат да соработуваат со Иран.

Цела година во САД трае истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за мешање на Русија во американските претседателски избори. Засега работите не изгледаат добро, бидејќи поранешниот соработник на Трамп Пол Манафорд веќе е во затвор, а наскоро ќе му се придружи и поранешниот личен адвокат на претседателот – Мајкл Коен.

Во јули во Хелсинки дојде до прва средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин откако Трамп на заедничка прес – конференција изјави дека Русија не се мешала во американските избори и дека истрагата на Малер е штетна, експертите и политичарите заклучија дека без двоумење состанокот бил триумф за Путин.

На Кина, која ја обвини за нечесна трговска пракса, кражба на американска технологија и интелектуална сопственост, како и за големиот американски дефицит во меѓусебната трговија, Трамп на 6 јули и воведе царини од 25 отсто. Претходно воведе дополнителни давачки на увозот на челик и алуминиум за да ги одбрани американските работни места и својата политика – Америка на прво место. Пекинг, секако , возврати со иста мера и почна трговска војна.

Трамп и во 2018 година, која може да заврши со блокада на сојузната влада бидејќи демократите не се согласуваа со буџетот на Трамп за изградба на ѕид кон Мексико, ги менуваше своите соработници како на филмска лента. Некои тој ги разреши, некогаш арогантно како државниот секретар Рекс Тилерсон, кого го отпушти по пат на Твитер. Други, сами ги напуштија функциите неможејќи да се носат со неговите хирови, па така, сталожениот министер за одбрана Џејмс Матис, откако Трамп најави повлеккување на американската војска од Сирија и Авганистан, поднесе оставка  со порака до претседателот дека „му треба министер за одбрана чии ставови ќе му бидат поблиски“.

Европа: Брегзит, популисти, мигранти

Меѓу чеканот во Брисел и наковалната во татковината, каде ја критикуваа и опозицијата и сопствената партија, премиерката Тереза Меј на 25 ноември склучи договор за раздружување со ЕУ по 17 месеци преговори. Гласањето во британскиот Парламент за текстот на документот предвидено за 11 декември мораше да го откаже поради длабоките поделби и извесниот неуспех. Ден потоа го преживеа гласањето недоверба кое го организираа нејзините ториевци. Песочниот часовник истекува до закажаниот развод кон крајот на март, но се уште не се знае што ќе биде. Европската комисија објави предлог- мерки доколку разводот се спроведе без договор, а се почесто се спомнува и нов референдум.

Освен со Брегзит, ЕУ во 2018 се занимаваше и со популизам и миграции.

Ставот „Но пасаран“ за мигрантите од Блискиот Исток веројатно помогна за реизборот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој себе се смета за бранител на христијанска Европа од наездата на исламски мигранти. Својата власт тој ја зацврстува со закони кои не секогаш се совпаѓаат со европското право, а во тупаница ги држи медиумите и правосудството. Пукнатина во неговиот авторитарен бедем се отвори во декември кога чашата со трпение ја прели „робовладетелскиот закон“ за труд и ги поттикна луѓето на протести.

Популизмот и антиемигрантската политика паднаа на плодно тло и во Италија каде на изборите во март на власт дојдоа Лига и Движењето Пет ѕвезди.

По лошите резултати на покраинските избори, најмоќната жена во светот, германската канцеларка Ангела Меркел објави дека веќе нема да се кандидира за шефица на ЦДУ и оти ова и е последен мандат како канцелар. За партиска наследничка, а можно и канцеларска, избрана е Анегрет Крамп – Каренбауер.

Популарноста на францускиот претседател Емануел Макрон годинава драстично се намали. Избирачите се огорчени од реформите за кои тврдат дека им одат на рака на богатите и потсетуваат дека Макрон е поранешен банкар. Движењето наречено „жолти елеци“, според флуороцентните елеци кои секој возач мора да ги има во возилото, на почетокот почна со протести против зголемувањето на цената на горивото но прерасна во барање за поголема социјална правда, проследено со вандализам и насилство. Пред жестината на таа огорченост Макрон се повлече, а феноменот „жолти елеци“ се прошири и надвор од нејзините граници, во Белгија.

На Балканот, Македонија е редок светол пример на напредок, која во 2018 успеа со Грција да договори ново име Северна Македонија, со што си го отвори патот за почеток на процесот на европски интеграции по повеќе од две декади блокада.

Аферите Скрипал и Кашогу

Некогашниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија пронајдени се на 4 март во британскиот град Солсбери отруени со нервниот агенс новичок. Со недели беа во критична состојба, се опоравија во болница, но Британката која случајно се отру заедно со својот партнер кога го пронашле отровот, почина. Лондон за виновник ја означи руската воена разузнавачка служба ГРУ и објави налог за апсење на двајца Руси, осомничени за нападот. Москва отфрли вмешаност, а аферата Скрипал предизвика криза и дипломатска војна меѓу Русија и Западот, во која обете страни протеруваат дипломати. На Русија и се наметнати нови санкции, што и онака студените односи ги разлади за уште неколку степени.

Бранејќи се од британските обвинувања, Москва тврдеше дека аферата ја предизвикала британската влада за вниманието на јавноста да го отргне од Брегзит.

Слично и префрлија и на Турција, дека сака да добие поени бидејќи инсистира во Турција да им се суди на саудиците одговорни за убиството на Џамал Кашоги, новинар со критичен став кон режимот на својата земја.

На 2 октомври саудискиот новинар со американска адреса Џамал Кашоги влегува во саудискиот конзултат во Истанбул каде требало да извади документи за венчање со турскат асвршеница, која го чекала надвор. Кашоги никогаш не излезе од зградата бидејќи беше брутално убиен, распарчен и растопен во киселина. Вината му беше единствено тоа што беше критичен кон саудиските власти. На тврдењата на Ријад дека агентите ги пречекориле овластувањата, а престолонаследникот Мохамед Бин Салман ништо не знаел за сето тоа, им противречи снимка и други докази на кои верува ЦИА, но не и претседателот Трамп кој се двоуми да ја осуди својата сојузничка Саудиска Арабија.

Убиството е дамка за младиот престолонаследник кој изгледаше реформатор, но рефлекторите ги насочи на медиумски запоставената војна во Јемен, иако однесе најмалку десет илјади животи од 2014 година и донесе најголема хуманитарна криза и глад кои се закануваат на 20 милиони луѓе. На почетокот на декември завојуваните страни, проиранските Хути и просаудиските владини сили во Шведска договорија размена на 16 илјади заробеници и примирје во стратешки важното пристаниште Ходеиди, како и испраќање на набљудувачка мисија на ОН.

Несреќи, тероризам, природни катастрофи

Во 2018 вообичаено се умираше од природни катастрофи како земјотресот во индонезиската покраина Сулавеси каде  на 28 септември цунами и лизгање на земјиштето земаа најмалку две илјади жртви. Потоа на три дена по Божик ново цунами предизвика од ерупцијата на вулканот Анак Кракатау ги погоди Јава и Суматра. Бројот на мртви се движи околу 300, со стотици повредени.

На 25 март страшен пожар во трговскиот центар во рускиот град Кемерово усмрти 64 лица, од кои 41 дете. Виновни се лошите безбедносни мерки и негрижа.

Уривањето на вијадуктот во Џенова на 14 август предизвика смрт на 41 лице и ја натера Италија и другите држави на голема операција за безбедносна проверка на мостовите.

Терористички напади имаше во 2018 година, како нападот на 11 декември во францускиот град Стразбур на божиќен саем каде криминалец од исламско потекло уби пет лица.

Залетување со возило во маса, што е „изум“ на исламистичките терористи изведено е во април во канадскиот град Торонто и заврши со смрт на десет лица, но не го изведе џихадист, туку личност со нарушено ментално здравје.

Масакр во средно училиште на Флорида на 14 февруари со 17 жртви или во Санта Фе, каде поранешен ученик во мај уби десет лица, поттикнаа масовни протести со барање за измена на американскиот закон за оружје, но моќната НРА, најсилно лоби за носење огнено оружје, не ја победија.

Заминувања

Филмската уметност оваа година остана без двајца европски оскаровци, прославениот Милош Форман (86), кој во Холивуд доби два режисерски оскари за „Лет над кукавичјото гнездо“ и „Амадеус“, како и Италијанецот Бернардо Бертолучи (77), награден со режисерски оскар за „Последниот кинески цар“, но првенствено запомнет како творец на, тогаш скандалозниот филм, „Последното танго во Париз“.

Холивудската актерска супер ѕвезда од 70-тие и 80-те години Берт Рејнолс (82) почина во септември.

Од музичката сцена замина славната каталонска сопранистка Монсерат Кабаље (85), една од првите оперски диви кој сорботуваше со рок музичари, а која почина во октомври. Пошироката публикај а помни по импресивниот дует со фронтменот на Квин, Фреди Меркјури на отварањето на Олимписките игри во Барселона 1992 година.

Во октомври почина и великанот на француската шансона Шарл Азнавур, Француз со ерменско потекло, неуморен уметник кој ги уриваше општествени бариери и кој настапуваше речиси до самата смрт.

Легендарната музичка дива Арета Фреклин, кралица на соулот, почина на возраст од 76 година. Светот на модерната електронска музика беше шокиран од смртта на младиот Авичи, со вистинско име Тим Берглинг кој со години се бореше со различни зависности.

САД годинава се прости и од поранешниот претседател Џорџ Буш постариот и неговата  сопруга Барбара кои починаа во период од неколку месеци. Почина и американскиот воен јунак и републикански сенатски  Џон Мекејн кој во тестаментот не дозволи Доналд Трамп да му дојде на покреб а за говорник го избра Барак Обама.

Поранешниот генерален секретар на ОН, нобеловецот Кофи Анан почина во август на возраст од 80 години.

Глобалната научна заедница долго нема да ја прежали смртта на својата икона, британскиот астрофизичар Стивен Хокинг, личност со кревко тело и брилијантен ум, автор на Куса историја на времето.

Во мај книжевната сцена го изгуби американскиот писател и новинар Том Вулф (88). Една недела потоа почина 85-годишниот Филип Рот, гигант на американската литература, чие име често се спомнуваше меѓу потенцијалните добитници на Нобеловата награда за литература, која сепак не ја доби.

Легендата на американскиот стрип Стен Ли, татко на ликовите како што се Спајдермен, Халк и Иксмен, почина во ноември.

Светот на технологијата ќе го помни 65-годишниот Пол Ален, кој заедно со Бил Гејтс го основаше Мајкрософт во далечната 1975 , а гастрономијата американската кулинарска и телевизиска ѕвезда 61-годишниот Ентони Бордејн и Французинот Пол Бокусе (91), кого го сметаа за татко на „француската гастрономија“.

Неговиот врсник Ингвар Кампрад, основач на шведскиот синџир за мебел Икеа, исто така почина оваа година.

Веселба во кралството семејство и вселенски патници

И додека оваа година имаше многу радост во британското кралско семејство предизвикано од венчавката на принцот Хари и Меган Маркл и раѓањето на третото дете на принцот Вилијам, грижи го надвиснаа основачот на Фејсбук Марк Закерберг откако беше откриена аферата со користење на приватни податоци на 50 милиони корисници на таа социјална мрежа за американската претседателска кампања, што беше злоупотребено од фирмата Кембриџ аналитика. Соочени со обвиненија, намалување на цените на акциите и драконски казни Интернет гигантот презеде сериозни чекори да ја заштити приватноста на корисниците.

Лажните вести, истакнуваат експеритите, во виртуелната сфера патуваат побрзо отколку вистината и таа појава ќе биде голем предизвик за европските избори во мај 2019 година.

Кинескиот научник Хе Џијанг во ноември соопшти дека неговиот тим создал генетски модификувани бебиња, две здрави девојчиња, природно отпорни на ХИВ. Тоа е направено со измена на гените на ембриумот на седум двојки подложени на вештачко оплодување со цел да станат отпорни на вирусот ХИВ. Експертите се сомневаат во вистинитоста на неговите тврдења бидејќи веруваат дека за такво нешто е прерано. Згрозени од етичката димензија на таквото постигнување го нарекуваат „монструозен експериметн“. По објавата на веста научникот исчезналк од јавноста.

Вселенското летало на НАСА Њу Хорајзонс е првото кое го истражи Плутон и во февруари испрати фотографии на земјата снимени од најголема оддалеченост досега од работ на сончевиот систем.

НАСА во август ја лансираше соларната сонда Паркер која требаше да се приближи до Сонцето поблиску отколку кој и да е објект и зработен од човекот. Со приближување на 6,1 милион километри ќе биде првото летало што директно ќе влезе во надворешната атмосфера во ѕвездите на нашиот систем каде температурата изнесува 1,.300 степени.

Нов чекор во истражувањето на Вселената остварен е на 26 ноември кога беспилотното летало на НАСА Инсајт безбедно слета на Марс, почнувајќи ја двогодишната мисија за истражување на длабочината на Црвената планета.

ФОТО: EPA / ANDY RAIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...