„Насон прочитана книга“ од Соња Манџук е добитник на наградата „Пегаз“

129

Ракописот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук е победник на првото издание на книжевната награда „Пегаз“ што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ за најдобар необјавен роман на годината.

На денешната прес-конференција во Скопје на која беше соопштен победникот, од „Арц Ламина“ истакнаа дека конкурсот предизвикал голем интерес кај домашните автори, со што до крајниот рок во мај годинава, на официјалната е-адреса на „Пегаз“ пристигнале 77 ракописи.

За победникот одлучи тричлената стручна жири-комисија составена од Димитар Башевски, писател и издавач, Иван Шопов, писател, и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.

Според писателот Шопов, манирот на делото „Насон прочитана книга“ е онирична авантура.

– Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост – истакнал Шопов.

Соња Манџук е родена во Скопје. Добитничка е на првата награда за расказот „Затвори го добро фрижидерот“, на конкурсот на „Студентски збор“, во 1992 година, и е колумнист во интернет-порталот „Слободен свет“

Наградата се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ракописите што биле оценети позитивно исто така ќе добијат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“. Во најтесниот избор на конкурсот влегоа и романите: „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Скриени желби, немирни животи“ од Владимир Јанковски, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Бричење петли“ од Владо Димовски и „Егеец“ од Владимир Плавевски.

Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината, изјави Бендевска.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...