Земјиниот природен сателит Месечината има свои геолошки својства и активност и на неа, повремено, како и на Земјата и другите планети, се случуваат потреси.
Поради внатрешното ладење, последниве неколку стотици години, ова небесно тело се смалило за 50 метри и тектонски сè уште е активно, тврдат научници од НАСА.
Смалувањето на Месечината тие го споредуваат со собирањето на зрно грозје што се суши, но за разлика од кората на зрното, површината на Месечината се распаѓа поради кревкоста, но и поради гравитацијата на планетата Земја.
– Анализата докажа дека ваквата активност е сè уште присутна и веројатно предизвикува потреси и денес, оти Месечината и натаму постепено се лади и смалува, тврди Томас Вотерс, научник од Центарот за Земјата и планетарните истражувања при вашингтонскиот универзитет Смитсонијан.
Фотографии и снимки од нашиот природен сателит, исто така, укажуваат на тектонски активности кои се случиле неодамна.
Според НАСА, потресите на Месечината најчесто се случуваат кога таа е најоддалечена од Земјата.