НАСА: Марс не може да биде погоден за живот, нема доволно јаглероден диоксид

127

Една од амбициите на Илон Маск, но и на човештвото воопшто, е еден ден Марс да биде погоден за живот. И тоа не со херметички затворени комплекси, туку со атмосфера како оваа на Земјата.

Сепак, според ново истражување на научници од НАСА, тоа не е можно, пишува списанието „Нејчр“.

Марс има водени испарувања и јаглероден диоксид во количества, што можат да предизикаат затоплување на планетата. Но, тоа може да се покаже како недоволно за создавање услови за живот каков што има на Земјата.

За тоа влијаат повеќе фактори, како што е недостигот на други гасови, неопходни за затоплување на Црвената Планета, смета Брус Жакоски, раководител на новиот труд. Освен тоа, атмосферскиот притисок таму е само еден отсто од тој на Земјата, а атмосфера исто така е неопходна за покачување на температурите на ниво доволно високо за да се задржи водата во стабилна течна состојба.

– Марс не може да биде прилагоден со сегашната технологија. Анализите покажуваат дека дури и при оптимални услови на искористување на јаглеродниот диоксид, тоа ќе ја затопли планетата само за 5 отсто од потребното – објаснува Жакоски.

Научниците ја разгледуваат и опцијата за „внесување” на потребните гасови преку пренасочување комети и астероиди кон Марс. Но, за тоа се потребни илјадници такви вселенски тела и тоа ја прави замислата непрактична.

Затоа, засега очекувањата се дека првиот чекор треба да биде изградба на научно-експерименталните бази на нашата соседна планета.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...