Економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1% (4,1% во првиот квартал),оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на денешната седница.
Растот, оценува Народната банка, е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6% и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината.
Комитетот, оценил дека високофреквентните показатели за економската активност во јули упатуваат на натамошен раст.
„Но бројот на расположливи показатели засега е ограничен за извлекување посигурни констатации за растот во третиот квартал. Согласно со априлскиот циклус проекции, се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5%“, оценува Народната бнака.
Комитетот оценил дека растот на ценоите е помал од очекуваниот, а е остварена просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава од 1,1%.
„Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5% засега се оценуваат како претежно надолни“, наведуваат од Народната банка.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат натамошен раст на годишна основа, при што засега нема поголеми отстапувања во однос на очекувањата.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банките и натаму се зголемува, главно како одраз на интервенциите со откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка.
Општо земено, Комитетот заклучи дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно се укажа на неповолните ризици од надворешното окружување, коишто се понагласени во споредба со периодот на изготвување на априлските проекции. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.